Секое чудо за три дена. Токму така. Таков е обичајот кај нас Македонците. Ќе викаме, ќе се караме, очи ќе си вадиме, ќе се плукаме и потоа како ништо да не било. Така беше и со Преспанскиот договор. Се изгласа. ВМРО-ДПМНЕ не издржа. Ги исклучи од своите редови, оние седуммина од осуммината пратеници, кои со својот глас го отворија патот на Македонија кон НАТО и ЕУ. ВМРО-ДПМНЕ и понатаму се лутеше, обвинуваше но, кога премиерот Заев најави помирување, ја смени „политиката“.
Работата отиде на друг „колосек“. Се предложи да се формира комисија за помирување во Парламентот. ВМРО-ДПМНЕ веднаш постави услов. Помирување ама и амандман за ослободување од секакова вина на сите кои учествуваа на настаните од 27 април!? И за оние кои се обидоа да убиваат и за оние кои го организираа насилството!? За сите. Судот, кој веќе води спорови, да престанел и да каже дека им се простува на сите!? Демек, како ништо да не било, ништо да не се случило. Како да немало раскрвавени глави, искубани коси, претепување до смрт. Ништо. Такво барање побара најголемата опозициона партија. А доколку не биде исполнето нема да учествува во комисијата за помирување и дека нема и не сака да има помирување.
Со ставовите на Паријата некои пратеници не се согласија. Не мислеа како нивниот челник господинот Мицковски! Отворено кажаа дека сакаат Македонија да оди во НАТО и ЕУ и дека не сакаат амнестија за оние што ја оцрнија Партијата крадејќи милиони евра народни пари и што насилно влегоа во Собранието и станаа „мезе“ во меѓународната јавност. И тие беа исклучени од ВМРО-ДПМНЕ! Но, незадоволството во паријата расте! Незадоволството е присутно. Дали ВМРО-ДПМНЕ ќе ги исклучи сите што мислат поинаку? Дали, најголема партија, ќе остане само со раководството и со оние кои упорно настојуваат да го спасат „вождот“? Брзо ќе се знае зашто кај нас секое чудо трае три дена!
По секојдневните закани од ВМРО-ДПМНЕ Заев доби уште една. Овој пат од албанските партии Беса и на Села. Кога сега ќе се отвараат промени на Уставот ајде, рекоа, и албанскиот јазик да се офијализира како втор национален јазик. Или исполнување или нема нивните пратеници да гласаат на Парламентот! А без нив Парламентот нема да има двотретинско мнозинство!. Дали со ова, овие две партии, сакаат да кажат дека не им е многу гајле за Македонија!? И мислат со тоа ќе го зголемат рејтингот?
Заев сега се наоѓа меѓу змијата и магарето. Од една страна уцени од ВМРО-ДПМНЕ, а од друга и од албанските партии!. Дали македонските партии, па и ВМРО-ДПМНЕ, со своите парнери, а и коалициониот партнер на СДСМ, ќе дозволат еден грст албански пратеници да ја „заробат“ Македонија, токму сега. кога се решава нејзината судбина?