Млади лица и вработени возрасни пролетва сѐ почесто се среќаваат на електрични тротинети низ Скопје. Некои ги користат за прошетки, други за да стасаат на работа.
– За мрзлив човек како мене, електричните тротинети се идеално решение. Си стоиш цврсто на нозе, а всушност се движиш. Не правиш ништо особено, а всушност правиш многу – вели Мартин Богатиноски за Плусинфо.
За разлика од велосипедот, нагласи тој, тротинетот го собира и во багажникот на секој автомобил, па лесно се пренесува од едно место на друго.
– Јас живеам во Волково, па секое утро со автомобил одам до Ѓорче Петров, а оттаму со тротинетот на работа во Центар. На тој начин кратам по 12 километри, што не е малку – додаде Богатиноски.
Бидејќи ваквите тротинети сè уште се новитет кај нас цената им е прилично висока.
– Мојот тротинет чини 30.000 денари, но и покрај тоа што сумата навидум звучи страшно, сепак треба да се има предвид дека тие пари многу лесно се враќаат, со тоа што сè помалку ќе го користите автомобилот во иднина. Јас го барав најголемиот тротинет што постои и конечно го најдов. Многу е издржлив, со големи тркала, со амортизери, со диск-сопирачки, со светла, со три брзини и со моќна батерија. Со едно полнење на батеријата може да се поминат најмногу 35 километри. Тоа е повеќе од доволно за мене – појасни Богатиноски.
Тој смета дека електричните возила се иднината на човештвото.
– Не ја загадуваат околината, не брчат и се многу евтини за користење. Одлична замена за мотоциклите – додаде Богатиноски.
Во план му е да посети повеќе места, села и градови со тротинет. Како што нагласи, батеријата не дозволува долги патувања, но може да се искомбинира со воз и со автобус.
– Чекам да дојде летото, бидејќи тогаш доаѓаат и авантурите. Најпрво, како за проба, сакам да ја „освојам“ Матка, тргнувајќи од Ѓорче Петров. Потоа во комбинација со воз, сакам да посетам неколку села и манастири во Прилепско, Битолско и во Велешко – рече Богатиноски.
Максималната брзина на возење на неговиот тротинет изнесува 35 километри на час.
– Секое возење треба да биде претходно испланирано, да не ви се случи да останете без батерија. Но, нема да биде крај на светот и да се случи такво нешто. Ако снемате батерија, тогаш склопете го тротинетот, качете се во првиот автобус или во такси и завршена работа – советува тој.
Скопјанецот Кренар Мухидини смета дека електричниот тротинет е најбрзиот начин да се движите низ градот за кратки дестинации до пет километри.
– Се одлучив да си купам со цел да го избегнам метежот во Скопје. Сакав и да не користам автомобил во град, да придонесам за почист град, како и да имам помали трошоци – рече Мухидини.
Тој нагласи оти мобилноста на тротинетот е предност. Го носи со себе во канцеларија, на кафе, на состаноци.
– Тротинетот го купив лани по цена од 330 евра. Барав да биде лесен, мојот тротинет тежи 7,5 килограми. Најтешкиот дел на тротинетите е батеријата, телото е лесно. Батеријата држи околу 15 километри, но тоа зависи од повеќе фактори, колку е студено, колку брзо се вози, тежината на телото и слично – рече Мухидини.
Со ова, како што нагласи, се придонесува и за почиста средина.
– На работа одам со тротинет, на поголема дестинација не сум бил, а не ми е ни во план, не му е за тоа намената. Можеби некогаш со тротинет низ цел свет – се шегува тој.
Мухидини додаде оти колку е полна батеријата може да се види секогаш, а и да снема, може лесно тротинетот да се турка со нога.
– Слушнав дека имаше субвенции, но не ги искористив, бидејќи веќе имав купено. Мислам дека е многу добро тоа што се субвенционира купувањето тротинети – нагласи тој.
Минатата година, Советот на Град Скопје одлучи максималниот износ за доделување поединечна субвенција на граѓани за набавка на електрични тротинети за 2018 година, да биде во износ од 50 отсто од вредноста на електричниот тротинет, но не повеќе од 10.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.
Од Градот информираат дека лани субвенциите ги искористиле 109 лица, а во план е да се даваат субвенции и оваа година.