Со една рака, планинарката Петкана се бори со животот како со мечка

Атанасоска ја изгубила едната рака од струен удар, од далекувод, на 14 години. Денес е мајка, работи, ги извршува секојдневните домашни обврски и ги полни батериите на македонските планини.

550

Прилепчанката Петкана Атанасоска има 61 година и редовно планинари веќе седум години. Иако е со една рака, таа е поиздржлива од многумина со две раце. Брза е, па меѓу првите стигнува до целта на сите планинарски акции.

– Некогаш им велам, куса сум со раце, но добра во нозе – вели на шега Атанасоска.

Таа рече дека се бори целиот живот, никогаш со никого не се натпреварува, ами самата со себе се трка.

– Ја изгубив едната рака од струен удар, од далекувод, на 14 години. Животот е таков. Или ќе те тресне за да се кренеш, или ќе те тресне за никогаш да не станеш. Јас најверојатно бев од тие борците што можат да издржат – вели таа за Плусинфо.

Атанасоска им препорачува на сите кои се различни без разлика по која основа, да се борат.

– И тие и нивните родители. Татко ми беше против тоа да се каже дека не смееш да направиш нешто. Јас нема работа која сама не ја правам. Дури некогаш кога колегите сакаат да ми помогнат, можеби мислат дека е безобразно кога им велам „Немојте да ми помагате“. Не е само тогаш, туку мене дома кој ќе ми помогне? Јас морам да готвам и јадење, да перам, да пеглам, да одам на работа, да функционирам – појасни таа и додаде дека има син на кого мошне се радува.

Јас се борам со животот како со мечка, рече Атанасоска. Како што вели, мора човек да се бори, инаку нема напредок. Таа препорачува никако да не се потклекне на проблемите.

– Кога ви е најтешко, мора да најдете нешто што ќе ви помогне. Секогаш велам, дека и од мене има полошо – вели планинарката.

Атанасоска работела како технички секретар во Комуналец, а сега работи на наплатен центар. За неа вели дека е дете од планина, бидејќи потекнува од селото Дуње, Мариово.

Кога нејзиниот син завршил гимназија и се запишал на факултет, останала сама, па имала потреба некаде да излегува. Почнала да планинари и вели дека повеќе не може да седи дома затворена.

– Не можам да се приберам дома. Скоро секоја недела планинарам, низ цела Македонија – додава таа.

Најголемо задоволство ѝ било кога се качила на Галичица по втор пат.

– Првиот пат беше во магла, па не можев да видам убаво наоколу. Вториот пат кога се качив на Галичица, имав чувство дека сум најгоре на светот – опиша храбрата планинарка.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...