Со врзан безбедносен учкур

2138

Во повеќе прилики, на различни начини повторувам дека не сум сигурен дека добар дел од македонската политичка елита на власт – за овие во опозицијата и збор да не стане – а и значаен дел од граѓанството во Северна Македонија не разбира што значи да се биде дел од Атлантскиот сојуз. Во која смисла?

Различни нивоа во НАТО, од пониски до највисоки, постојано повторуваат дека оваа година, до комплетирањето на процесот на ратификацијата на нашиот прием во Алијансата, од нашата земја се бараат ако не да исполни, тогаш да покаже сериозни чекори – сериозни е благ збор; можеби ултрасериозни, кои ќе завршат со јасни и видливи РЕЗУЛТАТИ – во областа на три приоритети: 1) рефома на правната држава и владеењето на правото, 2) модернизација на армијата и 3) реформа на безбедносните и разузнавачките служби. Што значи ова, практично?

Инсистирањето на НАТО за владеењето на правото – како некаков врв на системската функционалност на една демократска држава – значи дека Северна Македонија мора да стане држава во која нема да има ИНСТИТУЦИОНАЛНА дестабилизација, бидејќи НАТО не е организација чии членки извезуваат внатрешна нестабилност во воениот сојуз. Значи, вие можете да правите какви сакате внатрешно-политички салта мортала и коалиции, но СИСТЕМОТ, како правна рамка, мора беспрекорно да функционира, за да гарантира политичка и безбедносна стабилност како амортизер за секакви политикантски глупости на кои овде сме навикнати. Точка.

Модернизацијата на армијата, пак, е процес, но тоа мора, во јасно проектирана временска рамка, да испорача функционални одбранбени сегменти кои ќе бидат компатибилни со одбранбениот и безбедносен капацитет на Алијансата. На пример, ако треба да имаме (импровизирам) два моторизирани батаљони или една чета за итни медицински воени интервенции, опремени и командувани според стандардите на НАТО, тогаш за тоа нема импровизации, мора да бидат функционални на ниво на сличните капацитети на германската или на чешката армија, сосе квалитетот на чајот и паштетите во нив. Точка.

За безбедносните и разузнавачките служби важи истото правило: или во даден момент целиот систем ви е непробоен од надворешни упади и локални импровизации – технички, технолошки, административни, кадровски – или нема да има достап до ОГРОМНОТО количество интегрирани податоци и информации кои се предмет на униформирана размена и координација во тој систем на НАТО. Во таа приказна, цврстината на целиот НАТО-синџир зависи од најслабата, па макар и најмала (како Македонија или Црна Гора, на пример) карика во него. Точка.

Се добива впечаток дека и во нашата владејачка структура има такви кои мислат дека овие компоненти се процес што може да се релативизира, да се води со популистички, калкулантски, непотистички, корупциски и други опортуни пазарења со фракции во владејачките партии, со ставки во буџетите, со перцепциите во јавноста, со бизнис-интереси, со пропагандни слогани, со додворување кон овие или оние… И некои од надлежните министри и институции импровизираат со задолженијата што сме превземале обврска да ги спроведеме.

Опозицијата, пак, е тотално потоната во неверојатните глупости на ширењето илузии и лаги до своите гласачи дека, ако дошле на власт, ќе го корегирала Преспанскиот договор, дека ќе ги преиспитала односите со некои од соседите, дека ќе ги ревидирала позициите на Северна Македонија кон НАТО (и ЕУ)… Фрапантна неодговорност, од претседателскиот кандидат и претседателот на партијата, надолу!

Сето ова значи дека кога решивме нашиот одбранбен суверенитет да го интегрираме во НАТО – безбедносен „чадор“ кој 70 години штити, нараснато до денеска, околу една милијарда луѓе во светот, од кои ние сме, фала на прашање, еден супер мал промил организиран во признаен меѓународен државен ентитет рамен на францускиот, шпанскиот или американскиот – мораме да покажеме подготвеност и капацитет дека сме заслужиле да бидеме на истата маса со 29 други држави-сојузници кои превземале обврска нападот од некого вон Алијансата врз нас, да го третираат како напад врз себе.

И комитите и партизаните сонуваа и крвареа за тој вид на меѓународен државен статус, привилегија што ја оствари нашата генерација.

Можеби гаќите ни се сè уште старите, ама барем учкурот го врзавме за да не ни паднат. Што кој такво сакаме сега? Да дојдат да ни се извинат што треба да станеме подобри од тоа што сме?

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...