Со ваков шум тешко се преговара

Имаме цврсто ветување од власта дека новото решение нема да го повреди нашиот национален идентитет и дека во таа смисла договорот ќе биде достоинствен. Ако од нас, кои не сме на преговарачката маса, барем малку зависи дали Заев ќе успее да го оствари тоа ветување, ред е да помогнеме и драстично да го намалиме шумот што сериозно му штети на преговарачкиот процес.

7069

Повеќе или помалку, се знае како течат преговорите со Грците за спорот за името. Трудно. Преговарачите од двете страни се трудат да го „подобрат“ договорот, што ќе рече во него да вградат колку што можат повеќе од сопственото разбирање на она што како принцип веќе е договорено. Или барем се верува дека е договорено.

Преговарачите, на чело со премиерите Заев и Ципрас, баш и немаат друг избор освен да преговараат и да го доведат процесот до завршница. Се фатиле на орото, мора да го доиграат. Избор имаме ние, што гледаме од страна. Ние можеме да им помогнеме на своите влади, а и на двете заедно, да преговараат што поспокојно, за да дојдат до едно навистина заемно прифатливо решение.

Некој ќе праша – а зошто би им помогнале? Затоа што треба да е јасно дека се преговара за прашања што многу сериозно и најдиректно нѐ засегаат нас, Македонците. За нашето име се преговара. Имаме цврсто ветување од власта дека новото решение нема да го повреди нашиот национален идентитет и дека во таа смисла договорот ќе биде достоинствен. Ако од нас, кои не сме на преговарачката маса, барем малку зависи дали Заев ќе успее да го оствари тоа ветување, ред е да помогнеме и драстично да го намалиме шумот што сериозно му штети на преговарачкиот процес.

Со тоа, се разбира, не сакам да кажам дека кој било од нас треба да преземе обврска да молчи и да не го изразува јавно сопственото мислење за темите за кои се преговара – името (старото и новото), опфатот, идентитетот итн. Напротив. И колку што можам да видам, многу луѓе, во медиумите и на социјалните мрежи, слободно коментираат. Читам сѐ и сешто – од многу темелни и полезни анализи, преку една трагикомична „одбрана на името“ од оние што го раздаваа пред неколку години, па сѐ до коментарите на оние наши граѓани кои и самите имаат проблем со името Македонија (до скоро не знаев дека имало такви), па сега дури јавно кажуваат дека се мислат дали на Македонија да ѝ го ебат мамето или името. Простете на вулгарноста, ама буквално го цитирам колегата Тричковски.

Да бидам искрен, јас не можам да ги разберам ваквите коментари, но тоа не е важно и вината ја префрлам на мојата намалена моќ, а и волја, за разбирање на ваквите тези. Македонското општество и Македонија како ентитет покажуваат завидно ниво на толеранција кон оние што велат, на пример, дека „Македонија не постои надвор од негацијата на себе“ (пак Тричковски). И така мора да биде. Само таква, либерална Македонија, се потврдува како вредност, а оспорувањата на таа вредност како локален фолклор.

Но, кога велам дека внесуваме премногу шум што го нарушува преговарачкиот процес, не мислам на таквите коментари. Не, зборувам за коментарите, или, подобро речено, за „информациите“ (кои секогаш ни се продаваат како „проверени“, од „прва рака“ и слично), во кои се изложуваат неверојатни детали од преговорите, па се тврди дека преговарачкиот процес веќе пропаднал, или, спротивно на тоа, дека апсолутно сѐ е договорено, само сега се барало начин како решението да им се „продаде“ на граѓаните во двете земји… Ти реков, ми рече. Не е точно дека работата е завршена, иако завршувањето е прашање на денови, можеби и на часови. Точно е дека интензивно и тешко се преговара, но не во услови на „криза на преговорите“, бидејќи такво нешто сепак не постои. И најточно е дека ваквите шпекулации објективно му штетат на преговарачкиот процес, бидејќи ги поткопуваат позициите на преговарачите.

Не гледам како ние од таа непотребна ранливост на нашиот тим, што се предизвикува веројатно без зла намера (има луѓе што сакаат да се прават важни, тоа е), ние Македонците би можеле да извлечеме некаква полза. Освен ако идејата не е двете преговарачки страни да се исфрустрираат до тој степен што тоа ќе предизвика нивно повлекување од преговорите, па ете тој резултат да се смета за нечија „победа“. Бидејќи таквиот „план“, ако воопшто постои, е ноторна глупост, барем оние луѓе што се сметаат за одговорни фактори на јавното мислење, би требало во овие моменти да демонстрираат највисоко ниво на одговорност и да помогнат преговарачкиот процес да тече без непотребни притисоци.

Колку и да се правиме важни, овој пат ќе решаваат тие што навистина се важни, односно тие што се избрани од народот. И тие ќе си го бранат договорот. Нивни ќе бидат и славата и проклетството, кои обично одат заедно.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...