Овие 150 граѓани секој месец во текот на целата 2019 година ќе ги добиваат социјалните пакети, со што ќе им се олеснат месечните трошоци за основната исхрана, а општината со спроведувањето на овој проект, активно ќе се вклучи во борбата против сиромаштијата и гладот. Пакетите содржат масло за јадење, брашно, супи, тестенини и останати прехранбени производи, неопходни особено во зимскиот период кога температурите паѓаат под нулата.
– Сакавме во овој период што претстои да направиме систем, во кој со Банката за храна ќе доставуваме прехранбени продукти, за да овие можат овие семејства полесно да го поминат месецот. Податоците се застрашувачки, некои семејства го поминуваат денот со само еден оброк. Затоа ги повикувам и другите општествено одговорни компании да ни се придружат и заедно да им помогнеме на овие луѓе – изјави Богдановиќ.
Општина Центар е првата општина во Македонија која се вклучува во проектот „Нула глад“, проект на Обединетите нации, кој има за цел да стави крај на гладот, да ги елиминира сите форми на неухранетост и да изгради инклузивни и одржливи прехранбени системи. Општината Центар го реализира овој проект во партнерство со здружението Банка за Храна – БХМ, а со поддршка на маркетите: Рамстор, Кам, Веро, Тинекс, Жито Маркети, Стокомак, Гранап и Кит Го.