Во март на интернет порталот www.govornaomraza.mk верификувани се вкупно 43 пријави поврзани со говор на омраза на социјалните медиуми, вели Хелсиншкиот комитет во најновиот извештај.
Најголем број пријави се однесуваат на говор на омраза поради етничка припадност, односно 27 отсто од вкупниот број на пријави што е за двапати помалку од месец февруари.
„Она што се бележи за март е драстично зголемување на говор на омраза поради пол и род (27 отсто. Исто така се регистрира зголемен број на пријави врз основ на политичка припадност (20 осто и поради сексуална ориентацијаи родов идентитет (18 осто)“, вели Хелсиншкиот комитет.
Врз основ на трендот на пријави на говор на омраза, најголем број пријави се забележани во периодот после донесувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација.
„Се бележи пораст на говор на омраза на социјалните медиуми поради пол и род во контекст на донесувањето на новиот закон и негативниот дискурс кој доминираше на социјалните медиуми. И покрај високиот број на пријави изостанува системски приод од страна на надлежните институции за санкционирање и казнување на овој феномен. Се препорачува надлежните институции поревносно да го следат говорот на омраза на социјалните медиуми, особено во контекст на зајакнување на соработката помеѓу граѓанските организации и надлежните институции за редовно следење и регистрирање на сите пријави“, се вели во извештајот на Хелсиншкиот комитет.