„Социјална“ демократија

Политичарот, неговите први соработници и советници не треба да помислат да практикуваат блокирање на контакти, ниту, пак, расправање и водење кавга со луѓе преку Фејсбук, Твитер и слично. Она што треба и смеат да го прават е само водење дебата, дискусија и размена на мислења.

2210

Стапи на сила „GDPR“ или новата ЕУ регулација која се очекува да донесе поголема заштита на личните податоци на интернет. И додека ова е топ тема на годината, за мене главна тема на столетието е пресудата на Федералниот суд во САД со кој му се забранува на претседателот Доналд Трамп да блокира корисници на социјалната мрежа Твитер.

Во судската одлука е наведено дека блокирањето на Твитер корисниците од страна на претседателот на САД „е неуставно и спротивно на првиот амандман на Уставот на САД“. Судијката Наоми Рис Бачвалд во својата одлука јасно нагласува дека социјалните медиуми се јавен форум каде што можат да учествуваат сите граѓани на САД.

Зошто оваа одлука е толку важна за целиот свет, вклучително и за нашата земја?
Зашто ова е шансата за конечно да се расчистат дилемите кои сеуште ги имаат некои политичари и јавни личности. Тие, обидувајќи се да направат разлика меѓу профил и страна на социјалните медиуми, како да се подизгубија во „преводот“. Затоа, верувам дека оваа одлука на Федералниот суд во САД ќе не освести сите и ќе го трасира вистинскиот пат на онлајн демократијата во Македонија.

Но, за да го дадеме одговорот, ајде да се вратиме на почетокот. Во оној момент кога сте избрале да станете јавна личност, а особено политичар кој зема плата од буџетот (потсетувам дека буџетот се полни од граѓаните и компаниите во Република Македонија) станува многу тешко да го издвоите приватното од јавното, односно личното од професионалното.

На пример, една пратеничка не може до 16.30 часот да биде јавна личност и да ги извршува пратеничките должности, а потоа да стане „обична“ граѓанка на оваа земја. Или, еден министер не може да ѝ служи на Република Македонија од 07.30 до 15.30 часот, а потоа да се отчука со картичката за работно време и да оди на попладневна дремка по дома.

Замислете, некоја итна одлука за испраќање на дете на ургентно лекување дома или во странство која чека потпис на министерот за здравство, а е доцна попладне? Што треба да каже министерот – доцна е, не ми е работно време? Секако дека не!

Замислете ваква случка во ресорите за внатрешни работи, одбрана, финансии итн…
Или, пак, кога се носи Буџетот. Дали треба пратениците и владините функционери да ги остават службите без буџет и нефункционални, односно да остане цела држава без социјална помош, субвенции и слично само затоа што нема да работат вон „работно време“, односно до доцна во ноќта?

Ова, истото, се однесува и на социјалните медиуми. Политичарот, неговите први соработници и советници не треба да помислат да практикуваат блокирање на контакти, ниту, пак, расправање и водење кавга со луѓе преку Фејсбук, Твитер и слично. Она што треба и смеат да го прават е само водење дебата, дискусија и размена на мислења. И секако вмрежување со поголем број на луѓе сѐ со цел да можат да ги слушнат идеите, предлозите и критиките од граѓаните.

Кај нас изминативе години можевме да слушнеме став на јавни функционери и членови на тимовите за односи со јавност како аргументираат и се расправаат дека можат да пишуваат што сакаат и кога сакаат, но и да блокираат кого сакаат, независно дали станува збор за граѓани или новинари.

Е за нив, особено препорачувам детално да ја прочитаат оваа судска одлука. Иако Федералниот суд нема надлежности во нашето општество, сепак треба да се водиме според кажаното дека „социјалните медиуми се јавни форуми“, а политичарите немаат право да спречат никого од можноста да стапи во директна комуникација со нив.
Денес е 2018 година, време на интернет, дигитализација и социјални медиуми. Затоа потребна ни е вистинска „социјална“ демократија!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...