Социјалната реформа во Македонија меѓу 60 позитивни примери за социјални иновации од светот

138

Наша цел е да изградиме систем на социјална заштита кој обезбедува квалитетен живот за сите и од кој ќе има бенефит целото општество, а не само поединци, рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска на промоцијата на книгата „Размислувања за социјалните иновации“, посветена на социјалните светски практики.

Во книгата се претставени повеќе од 60 примери за добри практики, меѓу кои е вклучена и социјалната реформа која во моментот се реализира во Македонија.

– Токму ова е суштината на социјалната реформа, со која им помагаме на преку 40.000 граѓани трајно да излезат од сиромаштија, а исто така драстично ја намалуваме и детската сиромаштија. Градиме систем во кој никој нема да биде заборавен, и кој ги опфаќа сите ранливи категории. Нудиме трајни решенија, овозможуваме шанса за секој, но истовремено ги третираме и големите општествени проблеми – изјави Царовска.

Оваа книга е збир на социјални иновации кои го истакнуваат нивното значење за различните заедници и целото општество. Нашиот модел е претставен како една од социјалните иновации што се случуваат во светот, заедно со примери од Финска, Исланд, Хрватска, Словенија и други.

Социјалните иновации се дефинираат како барање одговори кои ќе придонесат за праведно општество и слободен живот за што повеќе луѓе. Решенијата кои произлегуваат од овие иновации го опфаќаат и позитивно се одразуваат на целото општество, наместо на поединци.

На тркалезната маса по повод промоцијата на книгата „Размислувања за социјалните иновации” учествуваа повеќе автори и соработници. Настанот е во организација на Факултетот за образование при Универзитетот во Љубљана. Книгата е едитирана од Проф. д-р Славко Габер и д-р Вероника Ташнер.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...