Неочекуваната победа на младата, крајно левичарска кандидатка во партиските избори предизвика раскол во Демократската партија на САД во Њујорк. Александрија Окасио Кортез (28) го победи Џо Краули, демократскиот конгресмен кој 20 години ја претставуваше 14-ата изборна единица во њујоршката област Бронкс во Конгресот на САД. Но, по шокот од поразот, Краули најавува дека нема да се повлече и ќе се обиде да ја совлада Окасио-Кортез на изборите во ноември.
Се очекува дека во ноември Демократската партија лесно ќе ги победи републиканците во оваа изборна единица, која во голема мерка е населена со Хиспаноамериканци, и поради тоа вистинската борба се води сега, меѓу различните крила на Демократската партија. Краули е еден од највисоко рангираните демократи во Конгресот и беше спомнуван како можен наследник на Ненси Пелоси како прв човек на нивната пратеничка група, а со тоа и можен Спикер на Претставничкиот дом на Конгресот, доколку демократите освојат мнозинство на изборите.
Окасио-Кортез, пак, водеше кампања во хиспаноамериканската заедница ветувајќи дека ќе гласа за укинување на полициската служба АЈС, која е задолжена за пронаоѓање и депортирање на илегалните имигранти. Таа се фотографираше пред оградата на еден од мигрантските кампови во кои се чуваат малолетниците, кои се фатени откако илегално ја поминале границата со Мексико, и повика на нивно итно ослободување.
It's time for a New York that works for all of us.
On June 26th, we can make it happen – but only if we have the #CourageToChange.
It's time to get to work. Please retweet this video and sign up to knock doors + more at https://t.co/kacKFI9RtI to bring our movement to Congress. pic.twitter.com/aqKMjovEjZ
— Alexandria Ocasio-Cortez (@Ocasio2018) May 30, 2018
Оваа поранешна келнерка е досега најистакнат претставник на крилото во Демократската партија кое јавно се декларира како „социјалистичко“, збор кој американската левица обично го избегнува. Иако победата над Краули ја извојува пред се благодарение на малиот одзив на гласачите во ваквите внатре-партиски избори, Окасио-Кортез преку ноќ стана херој на американската левица, и доби покани да учествува во низа телевизиски програми, а ја доби и поддршката на актерката Синтија Никсон (Миранда од Сексот и градот) која на сличен начин се кандидира за гувернер на Њујорк против етаблираниот гувернер Ендрју Куомо. Поддршка дојде и од други њујоршки ѕвезди, како Сузан Сарандон.
Но, повеќедецениското искуство на Краули во изборните трки во овој дел на Њујорк предизвика загриженост во социјалистичкото крило на демократите дека на крајот тој сепак ќе ја освои изборната единица, кандидирајќи се преку друга партија. Судирот веќе се споредува со начинот на кој Хилари Клинтон ја освои номинацијата на Демократската партија на претседателските избори во 2016 година против Берни Сандерс, единствениот американски сенатор кој се декларира како „демократски социјалист“, при што Клинтон се потпре на партиската машинерија да ја поткопа кампањата на Сандерс.
– Џо Краули во живо, пред телевизиските камери, кажа дека апсолутно ќе ја поддржи мојата кандидатура. Но сега одби три последователни телефонски повици во кои го барам да го признае изборниот пораз. Во исто време, Краули се подготвува да се кандидира против мене и против Демократската партија, како кандидат на трета партија, обвини Окасио-Кортез.
Од изборниот штаб на Краули велат дека тој апсолутно планира да остане во Демократската партија и дека нема да се кандидира против Окасио-Кортез, но во исто време напомнуваат дека веќе добиената кандидатура од страна на малата Партија на работничките семејства многу тешко може да се повлече на време до изборите во ноември.
Изборниот модел во Њујорк дозволува допишување на кандидати на изборните ливчиња – самата Окасио-Кортез неочекувано била избрана за кандидат во соседната, 15-та изборна единица од страна на нејзини поддржувачи кои го допишале нејзиното име, иако воопшто не се кандидирала во тој дел на Бронкс. Оттаму, демократите стравуваат дека е можно нивното гласачко тело во пресретна на ноември да се подели меѓу социјалистите на Окасио-Кортез и гласачите кои планираат да го допишуваат името на Краули, со што ќе се заостри конфликтот меѓу етаблираните демократи и порадикалните левичарски крила на партијата.
ФОТО: Твитер