Популистичките партии се моментно еднакво силни со социјалдемократските партии во Европа. Истражувањата покажуваат дека еден од четворица Европејци гласал за авторитарна популистичка партија на последните парламентарни избори во одделни земји.
Реалноста на европската политичка сцена веќе подолго време покажува песимистички трендови за социјалдемократијата која се наоѓа во криза. Прашањето кое се наметнува е дали успесите на десничарско-популистичките партии се всушност резултат на атрактивноста на нивните програми, или, пак, затоа што големите социјалдемократски партии не можат повеќе да понудат веродостојна политика.
Минатаа година беше најсилна година, гледанио во периодот од последните четири децении, за авторитарните популистички партии во Европа, според анализите направени од страна на познатиот шведски тинк-тенк „Тимбро“.Просечната поддршка што ја добиваат популистичките партии во 33-те земји опфатени со анализите, лани изнесувала преку 22 проценти. Само во текот на последните четири години поддршката се зголемила за една третина.
Во единаесет од 33-те земји популистите се дел од владините коалиции, а во уште четири земји дејствуваат како партии со поддршка на владината политика во националните парламенти. Во пресрет на ЕУ-изборите во мај годинава се очекува зголемена поддршка за повеќе популистички партии, при што италијанската десно-популистичка партија Лега, на пример, би можела, според првите прогнози на избирачкото расположение, да стане втора по големина во Европскиот парламент.
Посебно интересен е развојот во одделени ЕУ-членки, каков што е случајот со Грција, каде што во период од четири децении делот од избирачкото тело што гласал за авторитарни попуслистички партии се зголемил речиси пет пати – од околу 12 проценти во 1980 година на 57 проценти во 2018 година. Во Полска поддршката на популистички партии во 2018 година е на ниво од околу 46 проценти, додеква во Унгарија приближно 70 проценти.
Европските социјалдемократи веќе ги означија претстојните ЕУ-избори во мај како најзначаен настан во европската политика по падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година и ветуваат нов социјален договор со фокус врз социјалната правда, рамноправноста и заштита на климата. Но од 28-те членки на ЕУ, социјалдемократите моментно се владејачка партија само во шест земји – и тоа сите на периферијата на Унијата: Шведска, Малта, Португалија, Шпанија (каде што се најавени нови избори), Романија и Словачка. Пошироко во Европа, меѓу помалиот број земји во кои носители на владината политика се социјалдемократи, се вбројува и Македонија. Состојбата е несомнено парадоксална имајќи предвид дека високата невработеност и зголемената несигурност на пазарот на трудот, кои во актуелниов миг се присутни во голем број европски земји, вообичаено им одат во полза на партиите со социјалдемократски предзнак.
Времињата на големите реформи во Европа се поминати. Речисти сите граѓани во Унијата имаат здравствено осигурување, пензии и бесплатно основно образование. Многумина имаат законски утврдени минимални плати и колективни договори. Токму затоа, проблемот на социјалдемократите е да изнајдат нови прашања кои можат да ангажираат широки избирачки групи во едно време кога чувството на класна припадност е на пат да биде избришано.
Кризата на европската социјалдемократија во значајна мера е резултат и на кокетирањето со десничарскиот популизам, а што во последните години станува повеќе од очигледен тренд. Шведските социјалдемократи по изборите во септмеври лани, со освоените околу 30 отсто од гласовите, четири месеци безуспешно се обидуваа да ја разбијат традиционалната партиско-блоковска политика и да формираат коалиција со десничарско-центристички партии, кои не ја пропуштија приликата да ги уценат. Во јануари годинава шведскиот премиер Ловен доби уште еден четири годишен мандат, но по цена на тешки и болни компромиси со новите владини партнири, што пред се заначи влошување на сигурноста на вработувањата, намалување на доночните стапки и други непопуларни отстапки што се во спротивност на повеќедецениските заложби на социјалдемократите за заштита на работничките права. Тоа, се разбира, не можеше да помине без силно противење од страна на шведските синдикати, така што една од најголемите синдикални организации, „Комунал“, со околу 500.000 членови деновиве им го сврте грбот на социјалдемократите, укинувајќи им ги дотациите од околу 300.000 евра што секоја година ги добиваа во својата партиска каса. За очекување е нивниот пример да го следат и други големи шведски синдикати, а нема никакво сомневање дека ваквиот развој сигурно ќе има негативен ефект и врз идниот рејтинг на социјалдемократите меѓу шведските избирачи.
Сѐ било подобро порано, сметаат многумина избирачи кои сега се двоумат дали и понатаму да гласаат за социјалдемократите. Токму во таа смисла се присутни и очекувањата дека за оживување на работничкото движење мора повторно и силно да се настапи со консеквентна и жестока реторика за сиромаштијата и рамноправноста.
Факт е дека и владејачката коалиција предводена од СДСМ успеа да исцрта уште едно и секако важно островче на редуцираната мапа на европската социјадемократија. Но прашањата и дилемите пред македонската социјадемократија се во најмала рака исто толку несигурни во идејаната сфера како и споменатите европски недоумици.
Подобрувањето на условите на пазарот на трудот и отворање на нови работни места бара и една посилна идеолошко-политичка спрега и соработка меѓу социјалдемократите и синдикатите – во интерес на работницџите и обичните граѓани.
Но она што во Шведска кога се зборува за историската поврзаност на социјалдемократската партија со синдикалните движења, традиционално се означува како „две гранки на исто дрво“, се чини дека во случајот на СДСМ веќе подолго време функционира како делумно замаглена перспектива низ која на стеблото на партиско-политичките заложби најзначајнатите гранки се – невешто скастрени.