„Софија“ нема да може да води спасувачки мисии во Медитеранот

120

На повидок е нова политичка криза околу миграцијата меѓу земјите членки на ЕУ, повеќе дипломатски извори брифираат дека ЕУ се подготвува привремено да ги прекине спасувачките мисии во Медитеранот поради неможноста да се постигне договор за прераспоредување на спасените мигранти.

Операцијата „Софија“, чија задача е да ги детектира и спречи ланците на трговија со луѓе и мигранти кои доаѓаат од Африка во Европа преку Либија, нема да може да води спасувачки мисии во Медитеранот додека не се изнајде решение меѓу земјите членки, информираат дипломатски извори во Брисел.

Одлуката била донесена вчера по долги преговори меѓу претставници на земјите членки во рамки на политичкиот и безбедносен комитет на Советот на ЕУ. Се очекува операциите да бидат суспендирани шест месеци, но оваа одлука сѐ уште би можела да биде спречена во текот на денешниот ден доколку една земја членка стави вето.

Италија, според дипломатите, е против продолжување на спасувачките мисии бидејќи со месеци бара нови европски правила за прераспоредување на мигрантите. Источноевропските земји како Унгарија и Полска меѓутоа остро отфрлаат секаква стратегија на квоти за бегалците и мигрантите спасени во Медитеранот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...