Четврт век фондацијата на Џорџ Сорос во Македонија се бори за отворено општество и ги поддржува организациите и индивидуалците да ги прегрмат премрежијата на физичката и на духовната изолација и да се изборат за вредностите кои од оваа земја треба да направат пристојно место за живеење.
Сорос, кого имав можност да го интервјуирам при неговата прва посета на Македонија (за разлика од сите приказни кои ги слушав подоцна, мене ми остави впечаток на срдечен и едноставен човек, длабоко посветен на својата мисија), имаше среќа во нашата земја да го пронајде најдобриот можен кандидат за лидер на Фондацијата, Владимир Милчин. Да, мојата лична релација со Милчин ме прави крајно субјективен, но сепак чувствувам потреба јавно да кажам дека придонесот на обајцата, а посебно на Владе, за процесите на отворање и демократизација на македонското општество, се огромни и – ова особено сакам да го нагласам! – до ден денес без заслуженото општествено признание.
Македонија, после две ипол децении, сега е на почетокот на патот што води кон остварување на посакуваната цел. Чувствата на Сорос, на Милчин и на другите луѓе од Фондацијата Отворено општество Македонија веројатно се измешани. Можеби некои се дури и подразочарани, со оглед на фактот што очекувањата дефинитивно беа поголеми од резултатот. Но, од друга страна, денес може слободно да се каже дека не само за армијата соросовци (тука се вбројувам и себеси, како човек кому оваа Фондација му пружи поддршка), туку и за поголемиот дел од општествената елита, веќе нема дилеми околу насоката кон која треба да граби оваа земја. И затоа, покрај и наспроти сѐ, Сорос, Милчин и другите наши пријатели од ФООМ можат да бидат горди на своите достигнувања.
Истовремено, Македонија, како што нагласив, не е на крајот, туку на почетокот на своето отворање и демократизирање. Тоа што после многу борби и порази, конечно сме на вистинската траса, не значи дека автоматски ќе стасаме на целта. Затоа, борбата на соросовци за отворено општество мора да продолжи и да се засили дури, со една нова енергија и ентузијазам. Би рекол, еднаков на оној со кој самиот Сорос во почетокот на деведесеттите години дојде овде, in the middle of nowhere, ги вложи првите пари во оваа земја кога никој не сакаше да ѝ помогне и ни поклони верба, незнаејќи дали воопшто еден ден ќе ја оправдаме.