Сопственикот на компанијата Дурмо Турс, Дурмиш Белули се огласи во јавноста два дена по несреќата и изрази жалење и сочувство со семејствата на настраданите и повредените.
Тој во изјава за ТВ 24 Вести кажа дека во автобусот, во критичниот момент имало 50 патници од кои 14 загинаа, а 36 се повредени.
Според него можна причина за несреќата е здравствен проблем на возачот кој критичниот ден го управувал автобусот. Тој потенцира дека возилото ги поминало техничките прегледи во технички сервис во кој тој има доминантна сопственост.
– Изразувам длабоко сочувство до семејствата на загинатите и на повредените да им посакам побзрзо закрепнување. Чувствувам морална одговорност, бидејќи тие патници беа дел од нашите семејства. Со нас патувале со години и со сите се познаваме. Од трагедијата сме потресени и сме во длабок шок – вели Дурмиш Белули, сопственикот на компанијата „ДУРМО- турс“.
За можните причини околу несреќата Белули, наведува дека одговорниот за возниот парк, непосредно по несреќата стапил во контакт со возачот, кој му рекол дека загубил контрола врз автобусот најверојатно поради здравствен проблем.
– На прашањето од одговорниот, дали станува збор за техничка причина, тој негативно одговорил и рекол дека возачот најверојатно имал здравствен проблем во тие моменти. До местото каде што се случило излетувањето немало траги на кочење ниту друга реакција на возачот – вели Белули
Возачот според Белули нема пречекорување на работното време и било согласно на нормите кои се пропишани.
Автобусот бил технички исправен и наведува дека и покрај тоа што е сопственик на сервисот за технички преглед, нагалсува дека тоа се два различни субјкети и нема поврзаност со случајот.