„Собрав една братија, регистрирав партија, сонувам автократија, вежбам демократија… глумам опозиција, да влезам во позиција…“ – гласи дел од песната „Партија“ на мајсторот на балканската музичка сатира Рамбо Амадеус, на која ме потсети еден другар што пред малку го сретнав на улица. Кога ќе помислам на Рамбо, неизоставно се сеќавам на нашиот непрежален другар Шуки кој наизуст ги знаеше сите негови текстови во кои изобилуваат хуморот и сатирата на сметка на политичарите и на балканското разбирање на животот и политиката.
Од рано изутрина ме следи мислата дека демократијата во светот минува низ тешка криза, а во нашава ни Северна Македонија, допрва треба да ја разбереме. Зошто ни треба демократија? – е прашање за прво одделение, ако не и за градинка. Таму некаде е нашето општество, ако воопшто можеме да кажеме дека имаме општество. Кому воопшто му е важно тоа? Како и да се дефинира демократијата, на крајот сите само се трудат да преживеат, па макар и да се под целосна контрола на моќниците. Или не е така?
Зошто ни треба демократија, па макар да е исполнета со скандали? Одговорот е едноставен. Кога владее авторитарен режим, шансите да му се спротивставиме на грабежот и насилството се минимални. Можностите за влошување се неограничени.
Кога владее авторитарен режим, структурното насилство и контролата се зголемуваат секојдневно. Сиромашните осиромашуваат уште повеќе, затворите се полнат со невини луѓе и политички затвореници, а „избраните“ се богатат без контрола. Медиумите се заробени, училиштата се фабрики за перење мозок, а интелектуалците и уметниците се замолчени. Економијата само навидум расте, голем дел од инвестициите се параван за тежок криминал, а тековните потреби се покриваат со вртоглави задолжувања. И нема кој да провери што се случува во државата, бидејќи институциите, судството, медиумите, невладините организации и други демократски средства за контрола се ставени под јаремот на властодршците. Тие што ќе проговорат, јавно ги линчуваат, ги маргинализираат, судски ги прогонуваат, ги затвораат или ги убиваат. Дијалогот е укинат, бидејќи единствената дозволена комуникација е еднонасочна, од врвот кон дното. Кога владее авторитарен режим, непрегледниот простор меѓу властодршците и тие што се на дното е исполнет со страв, неизвесност и принуда. И нема простор да се променат состојбите, освен кон полошо.
Затоа ни треба демократија. Макар институциите да се корумпирани, бавни, преполни со арогантни кабадаии и билмези, кога владее демократија, шансите за подобрување на состојбите се поголеми. Кога владее демократија, има слобода на говорот, критиката не е дочекана на нож (овен од Фејсбук инквизицијата), а уште помалку е причина за прогон, малтретирање и ликвидации.
Тука лежи трикот. Кога владее авторитарен режим, одговорноста кон општеството и државата се узурпирани од заробениот систем, па така и мислењето е практично забрането, а луѓето се претвораат во зомби. Кога е демократија, ако таа не се користи, тогаш авторитарните тенденции и корупцијата земаат замав. Додека да трепне, човек се освестува во привидна демократија.
Затоа, ни треба вистинска демократија. Тоа не е лесно. Тенка е границата меѓу пропагандата и вистината, меѓу лажните вести и фактите, меѓу злоупотребата и доброто владеење, меѓу нефункционалната бирократија и професионалните јавни услуги. Будното око на свесните и совесните граѓанки и граѓани мора постојано да биде отворено. Критиката мора да биде континуирана и остра, а дијалогот мора да биде транспарентен, отворен и инклузивен.
Далеку сме од таква демократија, но тргнавме со крупни чекори натаму. И да не се заборави! Секое утро започнува битката за демократија во која сите се еднакви и слободни, сите имаат еднаков пристап до правдата, на сите им се дадени еднакви можности за развој и благосостојба. Нема друг начин да се практикува демократијата освен со грешки и учење од грешките. Со максимална одговорност! Демократијата подразбира силни и независни институции што им гарантираат максимална слобода и владеење на правото за сите, без исклучок. Без оглед на припадноста и потеклото од било кој вид.
Што би рекол Рамбо на сево ова? Ништо, би запеал. Од мака.