Самостојниот синдикат за образование наука и култура (СОНК) денеска го поздрави решението на Уставниот суд со кое се потврдува дека колективните договори во дејноста детска заштита основно и средно образование не се дискриминаторски како што тврдеше Независниот синдикат за образование.
Претседателот на СОНК, Јаким Неделков на прес-конференција рече дека со ваквото решение донесено од страна на Уставниот суд се потврдува дека не станува збор за дискриминација на вработените во детската заштита, основното и средното образование.
– Со ова се потврди дека СОНК апсолутно имал право во изготвување на колективниот договор и на негово толкување и ова докажува дека ние сме биле во право за она што долги години сме го барале од работодавачите да го применуваат – истакна Неделков.
Побара од директорите во детските градинки, основните и средните училишта доследно да ги почитуваат одредбите од колективните договори, а во спротивно, како што рече, ќе бидат приморени да ги преземат сите мерки што произлегуваат од законот.
Неделков појасни дека одредбите од колективните договори за детска заштита основно и средно образование се задолжителни за директорите на овие установи од една страна и вработените кои се членови на СОНК од друга страна. Колективните договори може да важат и за сите останати вработени и други синдикати што дополнително сакаат да пристапат кон овие договори по претходно добиена согласност од потписниците.
Независниот синдикат за образование ја оспори одредбата од овие колективни договори тврдејќи дека е спротивна на Уставот и оти има елементи на дискриминација.