Сомнителните болни ќе бидат пратени од аеродром во самоизолација, карантин засега нема

563

Сега-засега нема да се определува локација за карантин поради опасноста од „увоз“ на заболен од корона вирусот и во нашата земја, изјавуваат од Комисијата за заразни болести.

За помалку од 10 дена во земјава треба да пристигнат 50 кинески работници од компанијата „Синохидро“, коишто сега се наоѓаат во карантин, но во Кина, а тројца од нив престојувале токму во жариштето на смртоносниот корона вирус, покраината Вухан. Во карантин поради вирусот се и тројца македонски патници на крузерот во Јапонија, а еден државјанин е изолиран во Франција.

Во врска со тоа дали и во Македонија наскоро ќе се определи карантин, како што пред неколку дена ни беше најавено од страна на членовите на Комисијата за заразни болести, оттаму изјавуваат:

– На седницата на Комисијата за заразни болести што се одржа оваа недела, а на која присуствуваше и министерот Филипче не стана збор и за определување локација за карантин во нашата држава. Сега кај нас како мерка за заштита од корона вирусот се применува самоизолација, а тоа значи дека лицето кое доаѓа од регионите зафатени со новиот вирус, ќе биде регистрирано уште на аеродром и тој патник ќе се следи дали развива симптоми, според досегашните упатства наведени и на брошурите кои се делат на аеродромите – вели д-р Миле Босилковски, претседател на Комисијата.

Дилемата дали во оваа ситуација, кога и во Македонија се зголемува опасноста да се прошири смртоносниот вирус, кој однесе повеќе од 600 животи, сепак треба да биде определено место за карантин се јавува особено што од Кина се патува речиси 20 часа, па не е исклучена можноста некој, иако таму бил во карантин, и попат да ги добие симптомите, а треба да влезе во земјава.

Во членот 2, точка 9 од Законот за заштита на населението од заразни болести е наведено дека „карантин“ е изолација што се состои од ограничување на движењето на болни или на сомнително болни или на контакти со болни од одредени болести со
висок ризик, во наменски простории каде што ризикот од ширење на инфекциите е
намален на најниска можност, во присуство на персонал кој користи соодветни
заштитни средства и со посебен режим на движење и однесување.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...