Одлагањето на почетокот на преговори за членство во ЕУ на Северна Македонија и Албанија, не е во интерес на Бугарија, оцени поранешниот бугарски министер за надворешни работи Соломон Паси, потенцирајќи дека стартот на преговарачкиот процес со двете земји „се одложува по трет пат“.
– По ветото на францускиот претседател (Емануел) Макрон, неговиот (руски) колега Владимир Путин сигурно нарачал чаша шампањ. Кон кого ги туркаме Македонија и Албанија? Дали ги туркаме во рацете на Русија, Турција, Иран? Само сетете се што се направи претседателот Путин за да ја спречи Македонија на нејзиниот пат кон НАТО – изјави Паси.
Како што јави БГНЕС, според поранешниот шеф на бугарската дипломатија, сега се прават сериозни напори Србија да остане во сферата на руско влијание.
– Што можеме да сториме со Макрон и со неговата ирационална одлука? Мислам дека министерката за надворешни работи (на Бугарија), Екатерина Захариева може да го убеди и тој да го промени мислењето – смета Паси.
Според него, Бугарија нема никаков интерес Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина и Косово „да се вратат назад“.
– Албанија и Северна Македонија еден ден ќе станат членки на Европската Унија, но прашање е со која брзина ќе се случи тоа – додаде Паси.