Соините трошки и шницли кај кои со првичните испитувања се утврдило дека содржат ГМО се увезени од Србија, а увозник е „Виталиа“. Целата откриена колична од 510 килограми е повлечена од продажба, изјави на денешната прес-конференција директорот на Агенцијата за храна, Зоран Атанасов.
Тој информира дека на барање на увозникот „Виталиа“ се врши суперанализа во референтна лабораторија.
– Првата анализа покажа дека има присуство на ГМО, но по закон операторот има право да побара суперанализа – појасни Атанасов.
Тој најави засилени контроли за присуство на генетски модифицирани организми (ГМО) во храната од страна на Агенцијата, а како причина наведе дека контролите направени во мај годинава ГМО освен во соините пропизводи на „Виталиа“ се пронајдени и во 550 килограми ориз произведен во Кочанско.
– Оризот е произведен од увозно семе и најден во магацин на операторот, но сѐ уште не се знае кој е неговиот производител. Ставен е под официјален надзор и ќе биде уништен. На операторот со храна му е изречена парична казна, 5.000 евра во денарска противвредност за субјектот и 1.700 евра за одговорното лице- рече Атанасов.
Во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, додаде, ќе се вршат контроли кај увозниците на семенски материјал за да се утврди од каде е увезено сомнителното семе.
Атанасов информира дека во Европската унија е дозволено консумирање на храна со ГМО, но нејзиното присуство треба да биде истакнато на декларацијата.
– Слично беше и во Македонија до 2015 година, кога, преку ноќ е донесена политичка одлука да се забрани консумирањето на производи со ГМО до влегувањето на земјава во Унијата. Во светот се консумра и се произведува храна со ГМО. Науката треба да го каже последниот збор колку е тоа штетно – рече Атанасов.
Тој тврди дека граѓаните не можат да препознаат која храна е со ГМО од нејзиниот физички изглед.