Совет на јавни обвинители – колку тоа важно звучи

Се разбира, доколку и нешто тргне наопаку, тука се секогаш расположените „лидери“ да се договорат што е најдобро за нас, а кога тие еднаш ќе се договорат, потоа сѐ е поинаку, за наша среќа и подобро.

1149

Најавена е уште една епизода од сапуницата „Јустиција и нејзините реформатори“. Имено, денеска „угледните членови“ на уште поугледниот обвинителски Совет, рутинирано и професионално ќе ја одиграат својата добро позната улога на кастински чувари и заштитници, се разбира, сето тоа спакувано во пакетот – Согласно Уставот и законите!

За десет дена се навршуваат три години од скандалот со фалсификуваните документи на конкурсот за обвинители при Академијата за судии и обвинители, документи поднесени од страна на кандидати за обвинители. Обвинителството и по три години не одговара колкумина од тие лица и понатаму работат како стручни соработници. И по три години, јавноста нема информации што се случи со меѓународната правна помош која Основното јавно обвинителство ја побара во рамките на предистражната постапка.

Оваа дилема не е предвидена во сценариото. Всушност, веројатно гледачите и веќе заборавиле дека воопшто и имало таква епизода. Нивното внимание сега го задржува судбината на напуштената Katy, или, што со оној силен и добро платен правосудно-роднински персонал кому бројот не му знае?! Добро, за почеток секако ќе ги вдомиме, сепак се наши деца, јас тебе, ти мене е мотото на оваа весела дружина.

Се разбира, доколку и нешто тргне наопаку, тука се секогаш расположените „лидери“ да се договорат што е најдобро за нас, а кога тие еднаш ќе се договорат, потоа сѐ е поинаку, за наша среќа и подобро.

Затоа, да седнеме удобно во кругот на најблиските, не мора со грицки и така се лоши за здравјето на нацијата, и да проследиме уште една епизода од серијата „Јустиција и нејзините реформатори“ и не се грижете за Katy, имаме многу како неа!

(Авторот е претседавач на НК на ГДУ)

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...