Советот на јавни обвинители денеска соопшти дека најостро го осудува поставувањето експлозивна направа во возило на јавен обвинител од Кичево. Оттаму изразуваат силна подршка на јавниот обвинител врз кој е спроведен овој чин на насилство, и на сите јавни обвинители во бескомпромисната борба против криминалот.
„Овој чин претставува акт на насилство и закана не само врз јавниот обвинител и членовите на нејзиното семејство, туку е и акт насочен против сигурноста на сите јавни обвинители и функционирањето на целата јавнообвинителска институција и правосудството во целина“, истакнаа од Советот.
Оттаму очекуваат дека надлежните државни органи наскоро ќе ги откријат сторителите на овој чин на насилство и нивните мотиви.
„Начелата на законитост и објективно вршење на функцијата јавен обвинител се начела утврдени со уставот и законите, кон нив, сите јавни обвинители мора доследно да се придржуваат при извршувањето на својата функција, и било каков акт на насилство и закана спрема нив лично или институцијата во целина нема да ги поколеба да отстапат од овие начела при спроведувањето на кривичното гонење“, наведуваат од Советот.