Советот на општина Гостивар не го прифати планот за вработувања за идната година

446

Мнозинството членови во Советот на општина Гостивар не го прифати планот на локалната самоуправа за вработувања во 2019 година кој беше на дневниот ред на последната седница. При дискусиите уште еднаш дојде до израз политичката спротивставеност и меѓусебни обвинувања за опструкции од самото конституирање на Советот.

Мнозинството кое го предводи ДУИ, преку нивниот координатор, отфрлањето на планот од говорницата го образложи со кадровската политика која актуелната власт ја води кон членовите и симпатизерите на ДУИ.

– Во понудениот план превидени се работни места како: портпарол и шеф за поддршка на градоначалникот, а лица кои претходно ги извршувале тие функции сега се префрлени да работат во ЈП „Комуналец“. Пред извесно време, 15 општински службеници се протерани од општинската зграда и испратени во „Комуналец”. Тогаш беше објаснето дека во општината има недостиг на простор, па прашуваме каде ќе се носат новите вработени кои се планираат – рече Газменд Мемеди.

Отфрлањето на планот од локалната власт, која ја предводи Алијансата за Албанците, го оценија како опструкција на, како што рекоа, коалицијата на ДУИ.

– Годишниот план за вработувања за наредната година е законска обврска на општината која треба да го изработи и донесе. Советниците може да коригираат и да даваат забелешки, но неизгласувањето е прекршување на законот. Во Планот има предвидено нови вработувања, но не и отпуштања од работа – рече секретарот на општина Гостивар Назми Јусуфи.

Со Планот за вработувања во општината за идната година предвидени се 34 нови вработувања, од нив 13 треба да се реализираат во професионалната противпожарна единица. 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...