Советот на Европа официјално ја заведе земјата под нејзиното ново име „Северна Македонија, јави дописникот на МИА од Стразбур.
На Интернет страницата на најстарата паневропска организација – Советот на Европа, чие седиште е во Стразбур, земјата сега е заведена официјално како Северна Македонија, според азбучниот редослед на англиски јазик на земјите членки.
Северна Македонија како земја членка сега се наоѓа меѓу Холандија и Норвешка, се до промената на името земјата се водеше под привремената реферeнца „поранешна југословенска Република Македонија“ и таа се наоѓаше меѓу Швајцарија и Турција. Така сега македонското знаме се вее на јарболот пред палатата на Европа во Стразбур, меѓу знамињата на Холандија и Норвешка.
Промената на името е направена и на страницата на Парламентарното собрание на Советот на Европа, делегацијата на Собранието е претставена како делегација на Република Северна Македонија. Интересно е да се наведе дека ПССЕ беше единствената паневропска и меѓународна организација која на пленарна сесија расправаше за употребата на Уставното име на Република Македонија или тоа на референцата, но без притоа да донесе одлука;
Но на картата на која се наоѓаат земјите членки на Советот на Европа и нивните престолнини уште не е променето името и на неа стои името на земјата со реферeнцата.
Република Северна Македонија стана членка на Советот на Европа на 9 ноември 1995, како 38 земја членка.