Совет за етика: Медиумите да не дозволат манипулации од политичарите

59

Советот за етика во медиумите (СЕММ) во пресрет на претседателските избори, апелира за целосна професионална одговорност во новинарството, промовирање партиципаторен политички процес и континуиран пристап на јавноста до релевантни и веродостојни информации.

 „Освен информативна, медиумите имаат и едукативна улога, тие треба да го збогатуваат јавниот дискурс, да влијаат на негово култивирање, а не на спуштање на нивото на јавната комуникација и креирање атмосфера што не доликува на едно современо демократско општество. Медиумите не треба да дозволат да бидат манипулирани од страна на политичарите и другите актери во изборниот политички процес, бидејќи тоа значи директна штета врз јавноста и граѓаните во државата“, се вели во соопштението на СЕММ.

Од таму додаваат дека очекуваат од медиумите, а особено интернет-порталите, да не дозволат да бидат злоупотребени и да послужат како средство за пропаганда и повици за обединување на поединци и групи за радикално однесување и постапки кои го загрозуваат јавниот ред и мир во општеството.

„Поддржувајќи го и правото на граѓанските активисти да послужат како извори на информации за случувањата, ги потсетуваме новинарите на нивната улога особено да внимаваат на кредибилноста на изворот на информациите, задолжително да користат повеќе извори на информации, да известуваат со кредибилитет и објективно и урамнотежено да ги претстават случувањата во нивниот вистински контекст. Нивото на професионално однесување не смее да се симнува и да се дозволат лаги, полувистини и еднострани информации кои на граѓаните би им се сервирале како проверени и вистинити вести“, соопштија од СЕММ.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...