Со сослушување на сведоците на обвинетата Елена Доцевска Божиновска продолжи денешното рочиште во Кривичен суд за настаните од 27 април минатата година во Собранието на Република Македонија.
Сведокот Светлана Наумовска, вработена како советник за тековни активности на претседателот на Собранието, која работела на истото работно место и на 27 април минатата година, во својот исказ кажа дека ништо не навестувало и немало никакви индикации дека 27 април 2017 година ќе биде поразличен работен ден од вообичаените пред тоа. По официјалното затворање на седницата од страна претседавачот заедно со колегите меѓу кои била и Елена Доцевска Божиновска се повлекле во секретарската канцеларија пред свечените скали од Кабинетот на претседателот на Собранието каде чуле дека има удари по влезната врата на Собранието и повици од масата.
Потоа толпата навлегла во Собранието и дел од луѓето почналe да се движат пред канцеларијата. Масата првично била мирна, а потоа станала поагресивна. Еден од масата кој бил во алкохолизирана состојба дури и насила влегол во канцеларијата, а токму Доцевска Божиновска се обидела да го спречи, но тој ја турнал и влегол заедно со неа.
Сведокот Светлана Наумовска ја опиша Доцевска Божиновска како една од најдобрите и најчовечни државни службеници во Собранието која, како што рече, не толерирала кршење или на било кој начин повредување на закон, деловник и Устав. Секогаш, како што рече Наумовска, имала разбирање за туѓите проблеми и туѓиот приватен живот, а најмалку за својот.
Во моментов Судот е на пауза по што ќе продолжи со испрашување на преостанатите три сведоци на обвинетата Доцевска Божиновска – Сања Угриновска Спасеновска, Жарко Денковски и Вјолца Бајрами кои на 27 април 2017 година биле вработени во Собранието на Република Македонија.