Опозициските советници нема да учествуваат во понатамошната расправа за буџетот на град Скопје за 2020 година. Од Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека од 70 поднесени амандмани што ги поднеле не е прифатен ниту еден.
„Тоа говори дека овој буџет е едностран, неразвоен и служи единствено за исполнување на лукративните цели на Петре Шилегов и СДСМ. Шилегов носи буџет со кој градот Скопје не оди напред туку тоне во долгови, неразвојност и криминал. Токму затоа, поради демонстрација на насилие и едноумие од Шилегов, советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за Обнова на Македонија ја напушта амандманската расправа за предлог буџетот за 2020 година.ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува и нема да допринесува за носење на мегаломански, популистички и неразвоен буџет за Град Скопје“, се наведува во соопштението од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.