Советниците му оддадоа почит на Торвалд Столтенберг, човекот што помогна во обновата на Скопје

366

Со едноминутно молчење членовите на Советот на Град Скопје, пред почетокот на седницата, оддадоа почит на норвешкиот политичар и дипломат Торвалд Столтенберг, кој почина на 13 јули на 87-годишна возраст.

„Во меморијата на граѓаните на градот Скопје останува запаметен неговиот несебичен придонес во изградбата на монтажните куќи во населбата Тафталиџе, Детската болница за белодробни заболувања во Козле, како и по координацијата на хуманитарната помош од норвешкиот Црвен крст, која се состоела од 2300 волнени кебиња, 80 кг антибиотици, 250 пакети за трансфузија на крв и 5000 пакети прва помош. За сето она што тој го направил за овој град, Град Скопје во иднина ќе ја има можноста да се оддолжи за неговиот несебичен влог со тоа што ќе предложи една од скопските улици да го носи името Торвалд Столтенберг“, кажа градоначалникот Шилегов.

Торвалд Столтенберг има исклучителни заслуги за помошта што му ја овозможил на Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Тој ја координирал хуманитарната акција на норвешкиот Црвен крст наменета за Скопје во која за само еден ден по земјотресот со транспортен авион во Скопје биле испратени волнени ќебиња, антибиотици, пакети за трансфузија на крв, како и 5000 пакети за прва помош.

За неговиот исклучителен придонес во обновата на Скопје, на 26 јули 2008 година, на одбележувањето на 45-годишнината од катастрофалниот земјотресот беше прогласен за почесен граѓанин на Скопје.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...