Советникот за безбедност на Иванов за убиството кај Смиљковци дознал од телохранителот на Маја

899

По сведочењето на Сашо Мијалков, поранешниот директор на УБК, во случајот „Монструм“ во судницата влезе сведокот Синиша Алексоски, кој беше советник за национална безбедност во кабинетот на поранешниот претседател Иванов.

Тој сведочеше дека со Мијалков, со поранешната министерка Гордана Јанкулоска, како и со првиот човек на БЈБ имал само службена комуникација и дека пред да се случи убиството добил информација дека е можен напад на полициска станица од страна на вооружена група.

Сведокот рече дека за убиството дознал после полноќ, од телохранител на Маја, сопруга на поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов и објасни дека пред верски празник, се следеле оперативни процедури кои се стандардни.

– Следиме информации за намери за терористички упади од екстремисти кои можат да извршат напади на верски објекти, каде има голема фреквенција на луѓе – објасни Алексовски, кој рече дека стасала информација од полициски службеник дека имало некоја група која се движела по планините.

Тој во текот на сведочењето одговараше на прашања на обвинителката Фатиме Фетаи која го праша дали некогаш имал контакт со некој од родителите на жртвите, на што Алексовски рече дека првата средба била во кабинетот на претседателот за да ги прикажат материјалите кои ги добиле од лидерот на СДСМ.

– Од нас побараа помош и да одржуваме комуникација – рече Алексовски и објасни дека имало средби и во домот на Оливер Наќевски, близок роднина на едно од убиените момчиња.

– На таа средба беше присутен Горан Наќевски кој ме извести за средбата со лидерот на СДСМ и нивниот разговор – додаде сведокот.

Во текот на испрашувањето сведокот Алексовски тврдеше дека не било точно дека го изгубил телефонот кај езерото каде што се случило грозоморното убиство, како што  наводно им рекол поранешниот премиер Зоран Заев на роднините на убиените момчиња, како и тоа дека возилото кое го користеле обвинетите, наводно било сопственост на МВР и дека го користеле од единицата „алфи“. Тој тогаш рече дека имал и две средби со Заев.

– Последната моја средба со Заев беше во кабинетот на претсдеателот Иванов, а претходната во премиерскиот кабинет. Првата средба беше на мое барање, втората на негово барање. Заев негираше дека мене лично ме спомнал, рече дека до него доаѓале многу информации. Побарав од него да прекине да го злоупотебува моето име и тој одговори потврдно – сведочеше Алексовски кој рече тогаш на родителот му кажал дека уште ги поседува истиот телефон и СИМ- картичка и дека тоа може лесно да се провери.

– Во врска со возилото, посочив дека додека јас сум бил командант на единицата, а тоа е околу 30 месеци пред да се случи настанот. Тогаш, во возниот парк немало „опел омега“, туку имало „опел вектра“ – рече сведокот.

Адвокатот Насер Рауфи, го праша сведокот кој ја водел истрагата за петкратното убиство:

– Истрагата ја водеа заедно и Бирото за јавна безбедност и УБК, но секој имаше своја одговорност. БЈБ за форензиката и административниот дел, а УБК за оперативниот дел – одговори Алексовски.

Судењето продолжува на 10 март со сведочење на Муса Џафери и Блерим Беџети.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...