Собраниската расправа за уставните измени ќе продолжи во петок, рече претседателот на Собранието Талат Џафери по денешната попладневна дискусија во која учествуваа само пратениците од СДСМ.
Пратениците од ВМРО – ДПМНЕ и од коалицијата „За подобра Македонија“ претходно соопштија дека се откажуваат од дебатата, нарекувајќи ја јалова, како и дека ќе гласаат против уставните измени. Воедно ги повикаа пратениците од владејачкото мнозинство да се откажат од настапите и да се пристапи кон гласање по владиниот предлог за измени на Уставот.
Попладнево, во текот на собраниската расправа, пратениците од СДСМ кои беа пријавени за збор, го повторија ставот дека сега е време сите што декларативно се залагаат за НАТО и ЕУ да дадат конкретна поддршка на уставните измени.