Собраниската комисија избира кој ќе членува во Советот за граѓански надзор врз ОТА

Очигледно е дека за огласот има мал интерес, а вината меѓу другото ја лоцирам во Собранието заради немање доволно јавност на огласот. Остана прашањето и дали има или нема надомест за членовите. Темата е специфична и не може да очекуваме огромен број кандидати, но ова не е бројката која ја очекуваме, рече Туфегџиќ.

184
Photo: EPA-EFE/Georgi Licovski

Членовите на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата и на денешната седница останаа на партсиките ставови по однос на Предлог одлуката за избор на претседател и членови на Советот за граѓански надзор на Оперативно – техничката агенција, согласно Законот за следење на комуникациите и распишаниот оглас од октомври 2018 година.

Во текот на дебата, пратеничката од СДСМ, Ивана Туфегџиќ, го повтори партискиот став да се изврши делумен избор на членови на Советот за граѓански надзор од седумте кандидати пријавени на огласот кои ги исполнуваат условите. Целта е како што рече ова тело барем парцијално да профункционира пред распишувањето на претседателските избори, оти прашање е вели дали по распишувањето може се изврши ваков избор.

– Очигледно е дека за огласот има мал интерес, а вината меѓу другото ја лоцирам во Собранието заради немање доволно јавност на огласот. Остана прашањето и дали има или нема надомест за членовите. Темата е специфична и не може да очекуваме огромен број кандидати, но ова не е бројката која ја очекуваме. Дилемата остана дали да извршиме парцијален избор, или огласот ќе се поништи и дури по изборите ќе го разгледуваме ова прашање, рече Туфекџиќ.

Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ кој претседава со Комисијата истакна дека за изборот на ова тело во Изборниот законик не е предвидена забрана. Неговиот сопартиец и координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски исто така го повтори партискиот став дека не треба да се брза со изборот на ова тело и оти треба огласот да се поништи и да се распише нов на кој би се пријавиле повеќе кандидати.

– Од тој квантитет пријавени да може да го избереме квалитетот на еден Совет кој ќе преставува основа и сигурност за функционирање на ОТА и еден надзор врз работата на истата како би испратиле порака дека реформите за кои се залагаме сите во безбедносните и разузнавачки служби не се декларативни, туку нешто навистина ќе функционира и ќе дава безбедност за сите граѓани во РМ, рече Мицевски.

Од ДУИ се согласуваат за парцијален избор за четворица членови, со распишување нов за останатите три члена на Советот, од кои двајца би биле од албанска етничка заедница. Од БЕСА, пак, се за нов оглас.

По две паузи се очекува Комисијата денеска да одлучи по прашањето за избор на членови на Советот за граѓански надзор. Меѓу осумте кандидати пријавени на огласот од октомври лани, се и професорите Гордан Калајџиев, Катарина Крстевска Савовска и судијката Маргарита Цаца Николовска. 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...