Сто граѓански организации денеска побараа Собранието да го донесе Предлог-законот за спречување и заштита од дискриминација пред претстојните претседателски избори.
Предлог-законот за спречување и заштита од дискриминација веќе 8 месеци е заглавен во Собранието: неговото донесување арбитрарно се одолговлекува што ги лишува граѓаните од ефективни и ефикасни механизми кои ќе ги заштитуваат од дискриминацијата со која секојдневно се соочуваат во различни области.
„Досегашното законско решение не ја оствари целта, односно не придонесе кон ефикасна и ефективна заштита од дискриминација. Мапираните недостатоци во постоечкиот закон се надминаа со Предлог-законот кој предвидува професионализација на Комисијата за заштита од дискриминација, построги критериуми за избор на комисионерите, јавно спроведен избор на комисионери, пократки рокови на постапката за заштита од дискриминација, јакнење на независноста на ова тело и зголемување на надлежностите. Со законот се предвидува и ослободување од плаќање на трошоци за судски такси за граѓаните коишто ќе поведат постапка за дискриминација и се овозможува тужба за заштита од јавен интерес (actio popularis). Во предлог-законот конечно се додадоа сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за дискриминација, а се проширија и доуредија облиците на дискриминација – имено, експлицитно се препозна сегрегацијата како облик на дискриминација, што е од исклучително значење на Ромите и луѓето со попреченост“, се наведува во соопштението на граѓанските организации.
Тие истакнуваат дека донесувањето на законот е неопходно за градење на еднакво и инклузивно општество во кое нема да се премолчува пред дискриминацијата кон кој било граѓанин и граѓанка. Ромите, жените, луѓето со попреченост, ЛГБТИ луѓето, сиромашните и социјално исклучените граѓани, различните етнички заедници, сексуални работници, луѓето што живеат со ХИВ, луѓето што употребуваат дроги и останатите различни групи на пациенти, се соочуваат со маргинализација како последица од дискриминаторските практики на институциите и предрасудите од страна на околината. Дискриминацијата претставува клучен проблем за сите овие заедници, зашто им го оневозможува учеството во општеството под еднакви услови и генерира сиромаштија, ранливост на насилство и исклучување од сите општествени сфери.
„Со одолговлекување и блокирање на донесувањето на овој Закон, Собранието го загрозува и процесот на европските интеграции. Европската комисија бара промена на законот согласно стандардите на европското право уште од 2011 година. Амбасадите кои ја поддржуваат Македонија во европските интеграции порачаа дека донесувањето на законот е услов за позитивен извештај за Македонија и за почеток на преговорите за членство. Предлог-законот за спречување и заштита од дискриминација, како што е предложен на Собранието, веќе доби позитивно мислење од Венецијанската комисија што е уште една потврда за квалитетот на предлогот и за придобивките кои ќе ги донесе овој закон за граѓаните на нашата држава“, потсетуваат граѓанските организации.
Организатори и поддржувачи на барањата се 100 здруженија, сојузи и фондации и мрежи на граѓански организации.