Собранието си изгласа финансиска независност

363

Собранието со големо мнозинство го изгласа Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за Собранието. Измените на Законот за Собрание, коишто обезбедуваат финансиска самостојност и независност на собраниската служба, ги предложија претседателот на Собранието Талат Џафери и координаторите  на сите пратеничките  групи.

Законот предвидува формирање собраниски совет како стручно помошно тело на генералниот секретар на Собранието со единствена функција – да прави прецизна анализа за функционалноста на собраниските служби, а Планот за годишно вработување ќе го предлага генералниот секратар во согласност со буџетскиот совет на Собранието.

Џафери пред гласањето им се заблагодари на сите 123 пратеници за заложбата да донесат заедничко решение. Токму овој парламентарен состав во заминување, рече Џафери, стави печат зашто направи основа за натамошно подобрување на Собранието, а консензуалноста за овој случај треба да биде пример во натамошното функционирање и уредување на системот во државата.

– Со донесувањето на овој Закон, сегашниот парламентарен состав ќе го заокружи својот мандат и ќе ја запечати досегашната заложба на Собранието да стигне до позицијата која му е определена со Уставот, до она за што постојано се залагало – да биде независна институција. Законот ги овозможува потребните махнизми за управување на Собранието независно кое мнозинство натаму ќе го предводи – рече Џафери.

Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ НИкола Мицевски рече дека се носат конструктивни измени.

– Имаме добро, консензуално решение кое претставува дел од целиот проект што го работиме како пратенички групи, а е можност за целосна независност на Собранието. Законот ќе биде добра основа за унапредување на правата на собраниските служби и за детектирање одредени недоследности кои понатаму би можеле да се подобрат – рече Мицевски.

 

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...