Собранието како предлагач на референдумот ќе има привилегии во медиумската кампања

258

Државната изборна комисија-ДИК информира дека во понеделник ќе изврши измена на роковникот со кое рокот за поднесување на ценовниците за медиумско претставување поврзано со референдумот ќе се продолжи до 7 август 2018.

ДИК во соопштение појаснува дека само овластениот предлагач, во случајов Собранието на Република Македонија, има привилегиран пристап до услугите кои ги обезбедуват радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет порталите), предвидени со Изборниот законик.

Сите останати субјекти, наведува ДИК, можат да имаат свое медиумско претставување поврзано со Референдумот 2018, но пристапот до услугите на медиумите е под пазарни услови, согласно правилата и политиките за платено рекламирање на секој медиум.

– Овластениот предлагач има приоритет на користење на медиумските термини. Останатите субјекти можат да се рекламираат на медиумот, но под пазарни услови. Неискористените термини, медиумот може да ги продаде на други субјекти, под услови договорени со субјектот кој го купил терминот. Ценовниците и условите за медиумско претставување, кои медиумите ги доставуваат до Државната изборна комисија, се однесуваат само на „привилегираниот пристап“ на овластениот предлагач. Сите останати субјекти го договараат своето медиумско претставување со соодветниот медиум, под пазарни услови – информира ДИК.

Овластениот предлагач, услугите кои ги користел за јавната пропаганда ги плаќа од сопствени средства, според ценовниците определени од медиумите и доставени до ДИК. Останатите субјекти, искориститените услуги за сопствено медиумско претставување ги плаќаат од сопствени средства.

– Обезбедувањето дополнителни минути за емитување комерцијални пропагандни пораки е прашање кое медиумите (самостојно или преку нивните здруженија) треба да го договорат со Агенцијата за медиуми, која е надлежно регулаторно тело за овие прашања. Државната изборна комисија е спремна да помогне доколку цените дека ваква помош е потребна, додава ДИК во соопштението за медиумското претставување за претстојниот референдум

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...