Откако увидела дека е долга постапката за донирање пари од министерствата на Собранието за финансирање на кампањата на референдумот, Владата на вчерашната седница донела нова одлука.
Портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски појасни дека е одлучено Министерството за финансии да му префрли 80 милиони денари (1,3 милиони евра) на Собранието од ставката во Буџетот на Република Македонија „функции на државата“ .
– Овие пари се ставаат на располагање на Собранието за медиумски закуп, односно за сите медиуми кои доставиле ценовник до Државната изборна комисија – рече Бошњаковски.
Бошњаковски информира и дека доколку Собранието не ги потроши предвидените пари, тие ќе бидат вратени во Буџетот на Република Македонија.