Собранието во рамки на 47. седница денеска со „84“ гласа усвои Кодекс за етичко однесување на пратениците. Целта на документот е да ја зајакне етиката кај пратениците и да ја зголеми довербата во Парламентот како претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт.
Финалното усогласување на Етичкиот кодекс пратениците од владејачкото мнозинство и опозицијата го постиганаа на првата средба во рамки на процесот „Жан Моне“ во Охрид, во мај годинава. Во тек е усогласување на измените на Деловникот за работа на Собранието, што исто така беше на дневен ред на оваа средба.
Во текот на расправата, Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека текстот на кодексот е добра основа за надградба на етичките правила во иднина, но оти е еден од идните чекори на патеката од повеќе километри.
Според Димовски, клучно за тоа дали овој парламентарен состав има капацитет и сила да си ја сфати улогата и поимот што треба да работи, ќе биде дали и какви измени на Деловникот и на изборното законодавство ќе донесе наесен.
– Ако го постигнеме тоа, сигурен сум дека Владата ќе се чувствува многу поодговорно и повнимателно и многу повеќе ќе трепери од секое доаѓање во Собранието каде 120 достојни дами и господа треба да бидат во име на граѓаните, контрола на сѐ што прави власта со сите механизми со кои располага. Ова е во ред, но е само еден чекор на патека од повеќе километри – рече Димовски.
Тој наведе и дека Собранието во целост не си ја извршува уставната улога како највисок државен орган и контролен орган врз извршната власт.
Според координаторот на СДСМ Томислав Тунтев, ова е свечен ден во Собранието затоа што првпат се носи документ како прв чекор кон регулирање на односот на пратениците во Парламентот сами кон себе, кон колегите, кон јавноста и кон институциите.
– Затоа мислам дека ова е голем чекор напред кон она што веќе подолго време го заговараме дека не можеме да очекуваме никој да ја почитува институцијата пратеник или Собрание доколку со своето однесување токму пратениците не покажат дека се достојни за почит и не покажеме дека ги знаеме, владееме и умееме да ги користиме основните универзални вредности од аспект на морал, етика, професионалност, стручност, колегијалност – рече Тунтев.
Тој негираше дека се носат закони по скратена постапка и дека Собранието е гласачка машина. За една година, како што рече, се поднесени 157 закони, од кои 43 во скратена постапка, дел од Владата, поголем дел од пратеници, а во шест од нив учествувале и власта и опозицијата. Наспроти тоа, од 2010 до 2014 од 907 донесени закони 297 закони се во скратена постапка. Во 2015 година опозицијата не беше присутна во Собранието и од 574 закони 339 беа по скратена постаока.
Артан Груби од ДУИ побара духот на консензусот кој владеел при подготовката на кодексот да продолжи и при носењето на Деловникот, други закони со двотретинско мнозинство и Планот 18 на Владата.
– Даваме целосна поддршка затоа што Кодексот е исполнување на реформска обврска добиена како мнозинство и како парламентарен состав во Собранието и се надевам во истиот дух да го измениме и Деловникот. Поентата е да се превенира каква била можност на влијание врз пратениците – посочи Груби.
Според Етичкиот кодекс, пратеникот во вршењето на својата функција треба да се придржува кон основните етички начела, да ја извршува својата функција без дискриминација, да се води од јавниот интерес и да ја почитува личноста на секој поединец.
Пратеникот не смее да ги прекинува говорниците и да дофрлува од местото или на кој било начин да го нарушува текот на седницата и да користи навреди, фрази и гестикулации со кои можат да се навредат другите пратеници или носители на јавни функции. Пратеникот се воздржува од говори со кои може да предизвика омраза и насилство, треба да ги почитува правилата на однесување, правилата кои се однесуваат на спречување на судирот на јавниот и приватниот интерес, забраната на корупција и забраната на примање подароци. Во кодексот се нормираат лесни и тешки повреди, за кои се предвидуваат и мерки, како што се опомена за лесните повреди и јавна опомена за тешките повреди.
На 47. седница на Собранието беа усвоени и Одлука за испраќање припадник на Армијата на Република Македонија за учество во мировната операција на Обединетите нации „UNIFIL“ во Либан, како и законот за ратификација на Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Советот на министри на Босна и Херцеговина.