Имунитетот на поранешниот претседател на Собранието и актуелен пратеник, Трајко Вељаноски, „преживеа“ по синоќешната турбулентна седница во законодавниот дом. Како се дозволи пробивање на рокот за гласање за одземање на имунитетот, на никого не му е јасно.
Од кабинетитот на собранискиот спикер Талат Џафери од утрово молк откако синоќа по жолчните расправии со пратениците од опозицијата, но и со дел од власта, тој се налути, ја затвори седница и си замина од пленарната сала. Рокот за одземање на имунитетот според собранискиот деловник е истечен, а што ќе се случува понатаму никој официјално не излегува да објасни.
Имунитетот на Вељаноски не е единствениот кој преживеа, тука е и оној на пратеникот Љупчо Димовски кој е осомничен како поранешен министер за земјоделие во истага која ја отвори обвинителството во врска со доделување земјоделска помош и давање под закуп државно земјоделско земјиште. За него Комисијата за мандатно имунитетни прашања уште на 2 февруари му предложи на Собранието да му го одземе имунитетот, но Џафери никогаш не ја закажа седницата иако за тоа имаше рок од три дена.
Од Кривичниот суд велат дека и за Вељаноски и за Димоски реагирале веднаш откако од обвинителството добиле предлог за притвор односно веднаш ги известиле Собранието. Дали ќе испратат нови барања оттаму не можат да кажат бидејќи својот дел од законската обврска судот веќе си го извршил. Кога ќе се добие некакво известување од Парламентот, велат оттаму, ќе се постапи согласно тоа.
За потсетување, Вељаноски е осомничен од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција во истрагата за организаторите на настаните од 27 април 2017. Обвинителката Вилма Русковска побара притвор поради опасноста од бегство и влијание на сведоци.
Со него, осомничени се и поранешните министри Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, како и експремиерот Никола Груевски и Никола Бошкоски од Петатта управа во МВР. Ристовски е во притвор во Шутка, таму беше и Јанакиески, но по усвојувањето на жалбата тој од петокот се наоѓа во домашен притвор. Груевски и Бошкоски се во бегство, едниот во Унгарија, другиот во Грција.