Смимките со крвавите лица на Зоран Заев, Дамјан Манчевски, зашематениот Зијадин Села, пожртвуваниот Владимир Ѓорчев, разгневената толпа демонстранти, пеењето патриотски песни, мавањето со сталаци од камери, столови и копја од знамиња, денеска во судницата во Кривичниот суд во Скопје ги потсетија присутните што се случуваше пред една година во Собранието.
Тие се пуштаат на рочиштето во судењето за обидот за убиство на лидерот на Алијансата на Албанците Зијадин Села за што обвинети се 10 лица.
По паузата пред која се гледаа две снимки од безбедносната камера во ходникот пред прес-центарот, во продолжение на судењето се пуштаа снимки направени од медиумите во прес-центарот и се евидентираше присуството на обвинетите во прес-салата.
Во кадрите од нив можеше да се види Зијадин Села како се наоѓа во последниот ред од пратениците собрани во еден од ќошовите во прес-салата, во друг кадар може да се види и зашематен, како стои, а по неколку секунди не може да се види, но кон тоа место се гледа дека се упатуваат удари.
Во дел од кадрите, покрај Влатко Ѓорчев кој ги штитеше пратениците од СДСМ може да се види и еден од обвинетите Александар Јаневски Тошта свртен со грб кон пратениците и како да се обидува да ги заштити.
На снимките се забележуваат дел од обвинетите, меѓу првите кои влегуваат во прес-салата е и Стојан Павлески. Голем дел од присутните се со фантомки на глава, во периоди од немирите бројот на присутните демонстранти во прес-салата се намалува и зголемува…
Досега се гледаа снимките на две цедиња, а остануваат да се гледаат уште снимките од уште неколку цедиња.