Снимките од „Ла верита“ денеска во судница

1320

Ново судско рочиште за случајот „Рекет“ се очекува денеска во Кривичниот суд, а на кое треба да продолжи прикажувањето материјални докази и тоа снимки што ги доставил во Обвинителството, бизнисменот и сведок Јордан Камчев.

Обвинети во „Рекет“ се Бојан Јовановски и Катица Јанева, поранешна специјална обвинителка, а третообвинетиот Зоран Милевски Кичеец призна вина и доби три години затвор.

На рочиштата минатата недела беа прикажани фотографии од предмети одземени од домот на Катица Јанева во Скопје и во Гевгелија, во нејзината канцеларија во СЈО, како што се мобилни телефони, лап топ, два надворешни хард диска, десет УСБ-а, фактури и белешки.

Одземената кожна аголна гарнитура и дрвена маса од домот на Јанева во Скопје, како што се виде од изнесените фотографии, биле предадени на Агенцијата за управување со одземен имот во Тетово.

На судењето беа прикажани и фотографии од одземениот мебел од домот на Јовановски во Орман. Одземен бил луксузен мебел, столици, маси и разни украси, додека од претресот на деловното лице ТВ1 и канцеларијата што ја користел Јовановски се гледа дека биле одземени компјутери и опрема, тефтери и документи, како и уметнички слики.

Обвинителството предложи доказите од претресот на домот на Зоран Милевски – Кичеец да се повлечат затоа што тој призна вина и за него сега е одвоена постапката, но одбраната на Јовановски не даде дозвола за тоа. Од презентираните фотографии можеше да се видат одземено оружје, мобилни, лап топи и УСБ-а.

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...