Шефот на обезбедувањето на поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, Горан Ѓошевски, покажува правец кон прес салата во Собранието на луѓе кои се гледа дека не се вработени таму, наведе обвинителката презентирајќи денеска во судот една од снимките од безбедносните камери во законодавниот дом.
Овие гестикулации од Ѓошевски се забележуваат околу 19.30 часот во критичната вечер. Станува збор за снимка од камера поставена во малиот ходник кој води од холот длаборез кон прес салата. Првите активности кои обвинителството ги забележа од оваа снимка се во 18.52 часот кога низ овој ходник поминува првата група демонстранти меѓу кои прв е обвинетиот Никола Митревски Кољо со кого шефот на обезбедување на Вељаноски се поздравува.
Покрај Кољо на снимката се забележуваат и голем дел од другите обвинети, дел од нив со фантомки на главата, како се движат низ овој ходник кон прес салата, меѓу кои и Младен Додевски, Игор Југ, Јане Ченто… Првпат во овој ходник службено лице од МВР се забележува во 19 часот и 38 минути. Снимката од оваа камера го опфаќа периодот до 22 часот на 27 април, но обвинителката посочи дека понатаму не забележала активности на обвинетите.