Обилни врнежи од снег вечерва има во западна Македонија, а неколку патни правци се забранети за сообраќај, засега за тешки товарни возила.
Како што објавивме, од пред еден час поради врнежи од снег е воведена забрана за тешки товарни возила на патниот правец Струга – Ќафасан. А од 18.45 часот поради врнежи од снег, како што информираа од АМСМ, од превентивни причини беше воведена и забраната за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар – Кичево, преку планинскиот превој Стража.
Сообраќајот се одвива отежнато и на патниот правец Битола – Кичево.
Од УХМР за утре прогнозираат облачно и студено со врнежи од снег, особено претпладне, и повеќе во западните и јужните делови од земјава. Ќе дува засилен северен ветер, најизразен долж Повардарието, па ќе има услови за појава на навеви од снег.
Се очекува да наврнат 10 центиметри снег на пониските места, а на планините снежната покривка може да е и над 20 центиметри, најавија од УХМР.
Најстудено ќе биде в сабота, со минимални температури и до минус 14 степени Целзиусови.