Стопати кажуваме, ова е распарчено општество, искршено на парчиња, неспособно да се собере и обедини ни околу некаков успех, уште помалку пред секојдневните трагедии.
И во вакви моменти доаѓа до израз колку нашите институции се слаби, неспособни, трули и приватизирани.
Сега ви е јасно, колку секој загубен ресурс, секое перпетуирање на корупцијата и криминалот, сите ваши преплатени советници, сите промашени инвестиции, и покрај краткото време на распологање, или токму заради тоа, ве изедначуваат со претходните злосторници.
Затоа што измешани ви се приоритетите, побркани оние домашните, ова е како поствоена криза, која мислите дека ќе ја решите низ ординарно менаџирање. Сега гледате дека приоритет не е влегување по дискотеки наоружани, туку инвестирање во едукација, помирување, превенција.
Гледате и дека држењето на партиски, навијачки, какви и да се групи, лабилни на национализам и партиски клиентелизам не води никаде. Само создава машки групи со минимални приходи, кои се гледаат со кучешки погледи, уплашени од иднината, преагресивни пред ужасното секојдневие. Создаваме само општествена клаустрофобија, племиња и кланови кои се мразат меѓу себе, додека некој од горе им ја распоредува омразата.
Сите ние овде сме премногу оставени сами, премногу слаби да си ја ставиме на грб сопствената одговорност, и мораме и ние да лаеме и гриземе против се што ни смета, дали државата, партиите, етниите, Европа, мигрантите, секој реалитет или дух е добар за да се издуваме. Ама, така ништо не правиме, затоа што и така, само бегаме од себе.
Вакви пропаднати држави не ни дозволуваат да бидеме самите подобри, ниту пак да и помогнеме на државата. Не е само смртта на еден дечко, последната од една бескрајна серија, причина да потонеме во уште поголема депресија, бес или резигнација, туку смртта, уште еднаш, по којзнае кој пат, на институциите, одговорноста, заедницата и државата, е тоа што не турка во амбис.