Стапката на смртност поради топлотни бранови може да се зголеми за 2.000 отсто во некои делови на светот до 2080 година, покажуваат резултатите од студија објавена во списанието ПЛОС Медисин.
Научниците долго време предупредуваат дека климатските промени ќе донесат поекстремни временски услови во целиот свет, од топлотни бранови до урагани.
Авторите истакнуваат дека ова е најголемата студија досега која ја истражува смртноста од топлотни бранови, за кои предвидуваат дека ќе зајакнат во зачестеност и интензитет.
– Идните топлотни бранови ќе бидат почести, посилни и ќе траат многу подолго – вели професор Јунимг Гуо од Универзитетот Монаш во Австралија.
Новата студија опфати 20 земји на четири континенти и авторите заклучија дека зголемувањето на смртноста е најверојатен на екваторот.
Најтешко погодена би била Колумбија, каде би можело да има 2.000 проценти повеќе предвремени смртни случаи поради екстремната горештина во периодот 2031-2080, во споредба со периодот 1971-2010, вели Гуо.
Филипините и Бразил, исто така, може да имаат драматично зголемување на предвремените смртни случаи.
Антонио Гаспарини, експерт од Лондонската школа за хигиена и тропска медицина, еден од коавторите на студијата, истакна дека во моментов постојат неколку земји погодени од драстични топлотни бранови.
– Но, добрата вест е дека ако се намалуваат емисиите на стакленички гасови, тогаш влијанието ќе биде многу помало, заклучи Гаспарини.