Намалување на даночната стапка од 18 на 5 отсто на ДДВ за сметководствените услуги и отстранување на проблемите со дигиталното поднесување дaночни пријави, денеска побара Комората на сметководители при Сојузот на стопански комори.
Тоа, како што беше речено на прес-конференцијата, ќе ја подобри наплатата и ќе биде од корист за компаниите, особено за малите.
– Со зголемување на прагот за ДДВ регистрација од еден на два милиони денари, многу од правните и физичките лица кои не се ДДВ обврзници а се крајни корисници на нашите услуги го носат товарот. Тоа дополнително ја отежнува ликвидноста на микро и на малите компании, кои се носители на голем процент од домашниот буџет – рече Александра Андреева, членка на Управен одбор на Комората на сметководители.
Таа смета дека намалената даночна стапка ќе влијае и на поголема заинтересираност на младите да работат како сметководители, бидејќи старосната структура на сегашните сметководители е неповолна.
– Согласно моменталната состојба професијата сметководител е непривлечна за влез на млади кадри, а оваа измена на ДДВ стапката која значи намалување на обврските и полесна наплата на побарувањата, ќе биде стимул повеќе за актуелизирање на оваа професија која е од исклучителна важност за бизнисите и за државата – додаде Андреева.
Таа побара и посеопфатна борба на инспекторатите со нерегистрираните сметководители.
Од Комората на сметководителите забележуваат дека дигитализацијата на даночниот систем и честите испади им прават проблеми и стресни ситуациии и затоа бараат одговорните институции да најдат решенија за проблемите.
– Поради ова работиме во викенди, до доцните ноќни и рани утрински часови, сѐ со цел навремено исполнување на обврските – вели Ѓорѓи Грковски од Комората.
Според него, големата фреквентност е причина за застој и прекин на електронскиот систем.
– Понудените ад-хок решенија за продолжување на роковите не се доволни. Тие според праксата се неизвесни до последен момент, создаваат стресни ситуации и револт. Во тој контекст апелираме за изнаоѓање на поново и трајно решение за проблемот со системот – вели тој.
Дополнително, Комората на сметководители предлага интензивирање на заложбите на сите засегнати страни во изминатиов период, со цел деблокада на работењето на Институтот на сметководители и овластени сметководители, во надлежност на ресорното Министерство за финансии.