Судијката Добрила Кацарска на денешното рочиште за случајот „27 април“ го испрашуваше сведокот на Митко Чавков, Никола Димитриевски член на неговото обезбедување од 2014 до крајот на 2017.
Тој кажа дека Чавков од 18 часот до 20 часот бил во канцелариите во „Технометал Вардар“, а тој стоел пред канцелариите. После 19 часот, рече сведокот, слушал дека Чавков дава команди.
Најмногу се слушаше како разговара Влатко од ЕБР. Претпоставувам дека тој се наоѓаше на лице место и слабо се слушаше на телефон, па директорот зборуваше на повисок тон.
Какви команди даваше, го праша судијката Добрила Кацарска.
– Не можам да се сетам. Но по тоа што го слушав беа команди – рече сведокот.
– Вие слушнавте дека дава команди ама не ви текнува какви? – праша уште еднаш Кацарска.
– Како вработен во МВР 17 години можам да тврдам дека беа команди. Не беа разговор или два, туку цело време разговараше – одговори сведокот.
На тоа судијката уште еднаш праша: „Од толку многу команди не можете да се сетите на ниедна команда?”.
– Како вработен во МВР, а имајќи предвид за каков настан се работи, која е причината што не можете да се сетите на ниедна команда? – продолжи Кацарска.
Сведокот одговори дека помина подолг временски период, па затоа не може да се сети. Судијката прашуваше и дали сведокот кој е обезбедување на Чавков, а лично и Чавков на 27 априк биле во штабот на ВМРО-ДПМНЕ пред 23 часот.
Димитриевски кажа дека не бил и оти со сигурност може да каже дека не бил ниту Чавков. Како што веќе кажа претходно, сведокот повтори дека по тогашниот директор на БЈБ го однеле во штабот на партијата околу полноќ каде тој треба да се види, како што им кажал, со Никола Тодоров.