Неколку минути по решавањето на случајот, македонската верзија на Џек Бауер со кибрит запали цигара. Зеде еден-два дима од цигарата, се насмевна во себе и полн со самодоверба се заврти кон купот од пелени, кои со своите терористички намери му се закануваа на градот. На неговиот град.
Тој, висок офицер на антитерористичката единица при АРМ, горделиво ја испуши цигарата до пола и остатокот го фрли накај купиштата со пелени.
– Не во мојот град – полугласно извикна и се заврти накај излезот од станот на петтиот спрат од станбената зграда. Не влезе во лифтот, туку продолжи по скалите да се симнува кон приземјето. По пат срамежливо го поздравуваа униформираните полицајци, кои веројатно прв пат гледаат херој во живо. Проклети цивили, помисли тој, и без воопшто да им ги погледнува лицата, самоуверено продолжи да се спушта по скалите.
Веќе одамна ја работи оваа работа и се навикна на ваквите задачи. Но, некаде кај вториот кат почна да го обзема познатото чувство на немир. Започна со едноставно ежење на кожата, болки во вратот и мачнина во стомакот. Се фати за гелендерот, бидејќи почна да му се врти во главата. Готово е, си повторуваше во себе. Готово е, опасноста е помината.
Чувството на немир полека го напушти и тој повторно можеше да оди. По секоја негова акција, стравот го стигаше. Не веднаш, но по неколку минути. Притисокот предизвикан од тоа дека не смее да направи грешка, од тоа дека од неговата работа зависат животи беше преголем.
По две минути се симна пред зградата и на пожарникарите им даде зелено светло да го започнат чистењето. Тој се упати до службениот џип и набрзина реши да отиде на бурек. Забележа дека небото над градот имаше портокалова боја…
(ФБ статус на авторот)