Кипарската европратеничка Елени Теохару, која е известувач во сенка во преговорите за прием на Албанија во Европската унија, случајот „Кацифас“ денеска ќе го достави пред Европскиот парламент.
Според тиранската телевизија Ора њуз, како што најави Теохару, пред евопратениците ќе зборува во врска со инцидентот што се случи на 28 октомври во албанското село Буларат, кога во престрелка со албанската полиција беше убиен Константинос Кацифас(35), албански Грк, кој поседувал и грчко државјанство.
Европратеничката која е меѓу 52 грчки државјани кои присуствуваа на погребот на Кацифас. а кои Албанија ги прогласи за непожелни, ниту најмалку не се чувствува вознемирена, туку напротив тоа го смета како почесна титула.
– Тоа е почесна титула за мене да станам цел на еден корумпиран режим, како оној на Еди Рама во Албанија. Тие не можат да го ослабнат мојот отпор или мојата страст за човековите права и зачувувањето на Ворио Епир – изјави Теохару.
Албанските власти еден ден по погребот на Кацифас соопштија дека 52 грчки државјани поради нивната „неприфатлива, навредлива и опасна“ активност на денот на погребот се прогласуваат за „персона нон грата“ и им се забранува влез во земјата во период од пет години.
Освен извикувањето навредливи пароли, меѓу кои и „Ворио Епир е грчки, Македонија е грчка“, “албански кучиња“, „Албанци одете си, ова е Грција“, навреди упатувале и кон албанските новинарски екипи а групата ја блокирала и главната сообраќајница.