„Службен весник“ вчера ги објави Законот за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните и Законот за употреба на јазиците, соопшти Претпријатието.
Според „Службен весник“ двете објави се во согласност со член 52, став 2 од Уставот на Република Македонија (Законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“ најдоцна во рок од 8 (осум) дена од денот на нивното донесување).
– Согласно со тоа, а во врска со член 51, став 2 од Уставот на Република Македонија, во кој се вели дека „Секој е должен да го почитува Уставот и законите“ и оваа институција, која е со закон овластена да ги објавува прописите во РМ, своето работење секогаш го остварува во рамките на Уставот и законите и само ја исполнува уставната обврска. ЈП „Службен весник на Република Македонија“ е професионално јавно претпријатие и нема да дозволи мешање на политиката во неговото работење и нарушување на неговиот углед. За секој обид за нарушување на угледот на Јавното претпријатие „Службен весник на Република Македонија“ ќе биде поведена соодветна судска постапка, стои во соопштението.