Андреј Тарковски носталгијата ја разбира како „тага по тоа што е далеку од нас, по тие светови кои не може да се обединат, но таа е исто така и тага по нашиот роден дом, по нашата духовна припадност“, пишува Кица Колба во новата колумна за Дојче веле.
Андреј Тарковски зборува за „ландшафт на душата“ кога ги опишува сликите во својот филм „Носталгија“ (1983). Носталгијата, која буквално значи „болка за дома“, е копнежот што го чувствува заминатиот во туѓината. Сите германски изрази за чувството на носталгија по дома го содржат зборот болка. Heimweh значи „домоболка“. И обратното чувство, копнежот по далечината, по непознатото, во германскиот израз го содржи зборот болка – Fernweh. Душевната состојба опишана во филмот на Тарковски ги содржи двете чувства – и копнежот по дома и копнежот по непознатото. Таа е подолго време неговата животна состојба. На 30 јули, 1981, во Москва, тој запишува во дневникот: „Како да се живее, по што да се стреми, по што да се копнее, кога те опкружува само омраза, мрак, егоизам и уништување? Кога ти е уништен домот – каде да отидеш, каде да се спасиш, каде да бараш спокој?“
Другата страна на копнеж по далечината
Тогаш во Русија му се присторува дека би бил спокоен кога би живеел во Италија. Природата, културата, историјата, начинот на живот на медитеранската земја отсекогаш го привлекува. Неслободата која ја чувствува во својата татковина го прави животот за него мачен и тажен. Копнее за патувања во далечни земји како затвореникот што сонува за слобода. „А колку чудесно би било човек да живее некаде во Италија или во Швајцарија, да оди на одмор во Цејлон или барем да може да прошета низ светот“, пишува Тарковски истата година. Кога конечно стигнува во Италија, чувствува дека неговиот живот станува уште посложен. Таму ја запознава и другата страна на копнежот по далечината. Болката по дома на тој, чии љубени останале таму, дома. А тој не смее да се врати кај нив! Ниту тие да допатуваат кај него. Тој и во копнеената туѓина повторно е затвореник во својата тага и осаменост.
Андреј Тарковски го снимаше „Носталгија“ за време на престојот во Италија. Иако на почетокот имал намера да остане таму само кусо, нему по некое време советската власт му забранува да се врати дома. На почетокот тој е сам во Италија. Потоа добива само жена му дозвола да го посети. Во Москва останува неговиот син Андреј и мајката на жена му. И љубеното куче на Андреј Тарковски, Дакус! Германски волчјак. Синот Андреј тој ќе го види повторно дури кусо пред да почине во Париз на 29-ти декември 1986-тата. Главниот лик во филмот „Носталгија“, писателот Андреј Горчаков, кого извонредно го игра Олег Јанковски, неверојатно личи на Андреј Тарковски. Горчаков престојува во Италија за да ја истражи животната приказна на руски композитор кој во осумнаесеттиот век живеел во Италија. И страдал од истата носталгија како и Андреј Горчаков. Како и Андреј Тарковски! Сета приказна е само метафора за душевната состојба на самиот авторот.
Иако тој вели дека филмот го направил за да ја покаже особената природа на „руската носталгија“. Секако, тој тоа го сторил маестрално. Само што тој што ги познава дневниците на Андреј Тарковски, филмот сигурно ќе го чита и како „писмо и шифра“. Сликите во него се лични шифри на Тарковски. Искрени, интимни, болни, до истрошеност на душата. Токму затоа универзални по нивното значење. Ненадминати по убавината. Нема убавина без страдање и искреност, говорат метафорите во „Носталгија“. Тарковски не употребува симболи, туку метафори. Метафорите се образи и ликови, затворени во себе како монади, вели тој. „Ако ги допреш, ќе се распрснат“. Симболот апстрахира. А метафората е слика и раскажува само низ сликата. Така филмот се преобразува во исповед и писмо. Нема убавина без соголување на душата пред гледачот или читачот. Таа само така станува чиста како солзата на детето во романите на Достоевски, но и во филмовите на Тарковски. Тој долго планирал да сними филм за Достоевски. Тарковски некаде вели за себе дека тој светот го доживува како дете. Тие што го познаваат велат дека бил толку чувствителен и ранлив, толку силно ги доживувал нештата, небаре немал кожа. Како што се раскажува и за Марсел Пруст. За кого се вели дека и во лето носел долго палто од крзно, затоа што немал кожа. Затоа што доживувањата за него биле силни до болка. Филмовите на Тарковски, впрочем, се споредливи со „Потрагата по изгубеното време“ на Пруст. Тие раскажуваат една иста тема, во сите делови, во сите филмови. Среќата на детството и копнежот по враќање во него. Тајната на времето го восхитува и Тарковски и Пруст.
Окото на сонувачот
Чувството кое Тарковски го нарекува носталгија, обично се крева во душата на заминатиот во самракот. Маглата, која како бели призрачни облици лежи врз светот во неговиот филм е метафора за состојба меѓу сонот и јавето. Магли се спуштаат напати и врз чудесната природа во Тоскана. Кога во топол летен ден, попладне ќе се истури небото во пороен дожд, во самракот лежат огромни бели облаци од прозрачна влага врз сета природа. Како небото да се скунало кон земјата. Самракот, меѓутоа, е навистина царството на тагата, пред да се спушти мракот на ноќта. Затоа што никој не знае, а најмалку оној што копнее да се врати дома, дека по ноќта ќе има ново утро. Како кај сите метафизички пејсажи, и во „Носталгија“ не се знае дали се работи за самрак или за мугри. Се будат ли ликовите од сон или се подготвуваат за него? Сонува ли тој, кон кого тие постојано се вртат, гледајќи кон камерата? Таа е окото на сонувачот, но и на гледачот. Филмот е најблиску до сонот. Тарковски постапува во своите филмови по логиката на сонот. Но, двигот на ликовите кон камерата е многу природен затоа што тоа е и логиката на паметењето. Тој што се сеќава, има чувство дека оние што ги гледа во умот, постојано се вртат кон него и го погледнуваат од нивната недопирлива далечина, од нивниот молк. Самракот и мугрите се метафизичкото време. Тие се кусите мигови во кои се насетува тоа што недостига. Тие се метафора за недостигот, кој во македонскиот јазик е изразен во сето богатство од значење на зборот копнеж. Меѓувремето, меѓумигот, меѓу денот и ноќта. Меѓу царството на сонот, за кој се вели дека е близнак на смртта, и светлината на денот. Мугри и будење, метафора за копнежот по бесмртност, по Воскресение.
Во „Носталгија“ на Траковски, во тој чуден „душоландшафт“ се појавуваат ликовите на љубените како сновиденија. Жени, млади и постари, чудесно убави. Едно детенце, исплашено и незаштитено. Облечени, во бели облеки. Тие личат на ноќници. А можеби облеката е бела поради белината на сонот? Тие брзо си наметнуваат врз рамената црни шалови, џемпери. Врз рамената на детенцето лежи тешко црно машко сако. Метафора за заштитата на отсутниот татко. И едно куче! Германски волчјак. Љубениот Дакус на Тарковски! Ликовите се присторуваат како навистина да излегле од топлината на постелата, на сонот. Мраз и студ е надвор. Како во песната на Миладинов! Мразот и студот во тие слики на носталгијата не се климатска особина. Носталгијата го создава студот и мразот во душата на тој што копнее. А уметникот потоа ги пренесува во „дошоландшафтот“. Затоа што носталгијата во душата како да го замира животот. Животот за тој што копнее е жив само во паметењето. Во постојаното трагање во умот по љубените ликови, по љубените пејзажи. Така трага камерата на Тарковски низ глетката, како да е само лекокрил двиг на мислата. Камерата мигновено погледнува кон дрвената куќа под трите дрвја. И го здогледува како призрак белиот ангел. Заштитникот на љубените, на најскапоцените за Тарковски. Бдеачот на копнежот – белиот, долгокрил ангел, небаре е симнат од фреските на Андреј Рубљов.
Белешки на маченик
Тарковски во „Носталгија“ ги покажува љубените нешта по кои копнее во Италија. Не само луѓето. Туку и предметите, домот, околината, планините, реките, езерата околу неговиот дом. Куќата која се појавува во кадрите со маглите, а во нив жените, детенцето и кучето, е онаа во Мјасное, 400 км далеку од Москва. Тоа е дачата на Тарковски, која ја купил 1970-тата. Еден ден откако ја купил, почнал да пишува дневник. „Андреј Тарковски. Мартиролог, 30 април 70“. Дневниците се објавени постхумно со истиот наслов 1989-тата. Белешки на маченик. Тарковски страдал во Советскиот Сојуз, затоа што не можел да работи слободно. Така, како што посакувал. Идеолошката теснотија на партиски диригираната уметност за него е вистинско мачеништво. Страдал и затоа што не можел да патува каде што ќе посака. Се чувствувал како затвореник во својата татковина, која бескрајно ја љубел. Меѓутоа, исто толку силно копнеел по светот, по европската култура. Тој е осамен во земјата на своето раѓање. „Боже, каков чемер! Никогаш досега не се чувствував толку осамен“, запишува на 23 август, 1981-та во Москва. Времето го поминува во дачата во Мајсное. Тој таму е восхитен од чудесната природа. Во неа ја открива околината на домот во Јурјевец, каде што го поминал детството. Таа природа, која се појавува во волшебни слики во филмот „Огледало“ (1974), во кој копнежот по враќањето во детството е исто толку присутен колку и носталгијата по домот. Само што и во Мјасное запишува во август 1981-та: „тука не може да се живее. Една толку чудесна земја да се уништи до таа мера; да се претвори во нешто понизно, полтронско, понижувачко, во целосно беззаконие“.
Андреј Тарковски носталгијата ја разбира како „тага по тоа што е далеку од нас, по тие светови кои не може да се обединат, но таа е исто така и тага по нашиот роден дом, по нашата духовна припадност“. Световите што не можат да се обединат се оние на копнежот по дома и копнежот по далечното, непознатото. Италија и Русија. Сончевиот Капри, чудесната Фиренца и Москва. Тоскана и Мјасное! Тие се обединети само во копнежот на Тарковски. И во копнежот на секој што копнее по нив.
Тој копнеж по Југот, по Медитеарнот, по европската култура го имале многу руски писатели. Тарковски го препознава кај Гогољ, кај Пушкин, кај Достоевски. „Независно од тоа што Гогољ „Мртви души“ ги напишал во Рим, нему таму му било тешко да работи. Тој безумно ја љубел Италија и не ретко ги молел руските власти да му дозволат да се пресели во Италија, повикувајќи се на слабото здравје и суровоста на нашата клима. И Пушкин сакал да твори надвор од Русија, но тоа не му го дозволил царот“, вели Тарковски во едно интервју.
(продолжува)