СЛОБОДЕН УДАР Чочекот има два краја

До кога власта ќе мижи пред трубачи, а будно ќе следи оперски пејачи? Кога ќе ѝ се застане на (авто)патот на плех-музиката? Дали само чочекот или и ние некогаш ќе излеземе од тунелот долг со децении?

2732

Поминаа два тажни дена, еве и третиот е на поминување, а од предизвикувачите на големата локална трагедија и на не баш помалиот меѓународен скандал сè уште нема никаква трага и, што е поважно, нема ни глас. Ни зурла на диво да писне, ни тапан да грмне со подземен екот. Погодувате, станува збор за (изве)дувачите на проектот „Чочек во тунел“, тие кои со приватната забава го уништија државното задоволство од пуштањето во употреба на автопатот Демир Капија – Смоквица.

Немилиот настан се случи во еден од тунелите на делницата, долг 1.200 метри, исто колку и другиот. Очигледно, расветлувањето на „случајот чочек“ ќе оди многу потешко дури и од она на тунелот. Овде сè е во игра, секој нешто (се) меша, секој секого вози. По нападите од „јавноста“ на адреса на власта и на владејачката партија, Министерството за транспорт и врски се огради со тврдење дека „ниедна државна институција е организатор на каква било забава“. Бидејќи чочекот сепак не е каква било забава, одговорноста за него ја презеде грчката компанија „Актор“, таа што го градеше автопатот. Таа ги однесла луѓето – вработените, супервизорите и добавувачите од земјата – со автобус од кампот во тунелот. Но, како да ѝ веруваш на „Актор“ која проектот го почна со афери – местење тендери,  перење пари, извлекување кеш… – а го завршува со чочеци?

Не е лошо, во вториот тунел да се организира тајна средба (без музика) на која ќе се постават некои скокотливи прашања: Што снимиле оние 68 камери, насочени на автопатот, во контролниот центар во Неготино? Дали се испрани парите и за организација на валканиот чочек? Кои се тие четворица што зеле учество во тунелот, ако официјално се знае дека петтиот Македонец е сиромашен? До кога власта ќе мижи пред трубачи, а будно ќе следи оперски пејачи? Кога ќе ѝ се застане на (авто)патот на плех-музиката? Дали само чочекот или и ние некогаш ќе излеземе од тунелот долг со децении?

Објавено во „Слободен печат“

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...