Компромисот е еден од клучните концепти на кои почиваат односите во цивилизираниот свет. Од две решенија на некој проблем, кои ги предлагаат две спротивставени страни, компромисот е трето, заедничко, прифатливо, решение. Најчесто тоа е полошо од решенијата од кои е изведено, и од едното и од другото, но без него просто е невозможно не само функционирањето на институциите, на организациите и на државите, туку и нормалното живеење на луѓето (без да направите извесни компромиси не можете ни улица да поминете, вели Б. Пекиќ). Друго прашање е тоа што на овие простори правењето компромис се смета како пораз, како потпишување капитулација, и се доживува повеќе или помалку трагично. Тоа многу кажува за степенот на културните дострели на поединците, народите и државите.
Придонесот на Македонија во отворањето нови аспекти во теоријата и во сфаќањето на поимот компромис е несомнен. Најзаслужен за тоа е Ѓорге Иванов, тоа име за севкупна злоупотреба, тој жалосен компромис помеѓу украс од растение и ужас од претседател. Како што е веќе познато тој го провираше, не само во политичката наука, терминот разумен компромис. На прашањето што (му) значи тоа, Иванов даде мистичен, зен-одговор: разумен компромис е разумен компромис!
Сега се жали дека не е информиран за ништо во преговорите за името. Теоретичарот од таков формат не сфаќа дека тој што одлучил да го отстрани од процесот само го применил во пракса неговото теориско откритие. Направил досега најтипичен разумен компромис. Помеѓу двете опции: да отфрла неразумни квази патриотски хирови и да прифаќа паметни државнички решенија.